Ова се препораките на ИЈЗ за заштита на здравјето од пожар во непосредна близина

Лекарите во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излегоа со препораки за заштита на здравјето на населението од пожар во непосредна близина.

„Останете информирани, следете ги известувањата од надлежните служби преку средствата за информирање (радио, ТВ) или мобилни апликации. Почитувајте ги сите наредби за евакуација или засолнување. Ограничете го изложувањето на чад. Држете ги прозорците и вратите затворени. Исклучете клима уреди и вентилација што внесува надворешен воздух. Засолнете се во безбеден простор. Останете во затворена просторија со што помалку отвори кон надвор. Запечатете ги процепите околу прозорците и вратите со влажни крпи или самолеплива лента“, наведено е во препораките.

Како што се вели во информацијата, треба да се користи соодветна заштитна опрема.

„Ако морате да излезете, користете маска што филтрира честички. Најефикасна заштита обезбедуваат маски со филтер од типот FFP2, FFP3, N95 или специјални противгасни маски со филтри за органски и неоргански гасови. Ако немате професионална маска, прекријте го носот и устата со влажна крпа или пешкир додека се евакуирате (ова е само привремена и ограничена заштита). Заштита на ранливи групи. Децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични болести да останат во најзаштитените простории. При појава на симптоми (отежнато дишење, кашлица, вртоглавица), веднаш побарајте медицинска помош. Подгответе се за евакуација Подгответе торба со најважните документи, лекови, вода, храна и средства за лична заштита. Знајте ги најкратките и најбезбедни патишта за евакуација“, се вели во препораките.

Ако треба да се пружа прва помош при изложеност на чад или изгореници, оттаму со совет – ако некој има симптоми на труење со чад, изнесете го на свеж воздух и побарајте медицинска помош.

Преземено од Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен