Оваа година шест жртви на работното место, властите бараат системска промена

Во Северна Македонија од јануари до септември годинава шест лица го загубиле животот на своето работно место – податок што укажува на потребата од посериозен систем за заштита на работниците.

Овие бројки беа објавени на почетокот на тригодишниот проект „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, кој е поддржан од Европската Унија и Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Според директорот на Државниот инспекторат за труд, Гани Маскути, бројот на жртви е преполовен во однос на минатата година, кога животот го загубиле 13 работници.

Високи економски загуби од несреќи

На глобално ниво, годишно се регистрираат над 2,9 милиони смртни случаи и околу 400 милиони повреди поврзани со работното место. Економската штета од овие инциденти изнесува 4% од светскиот БДП. Ако истиот процент се примени во македонски услови, тоа претставува загуба од 500 до 600 милиони евра годишно.

Властите бараат системска промена

Вицепремиерот Љупчо Димовски порача дека безбедноста и здравјето при работа се „основни човекови права и мерило за зрелоста на државата“.

„Состојбата не е на нивото кон кое тежнееме. Бројот на повреди на работа и натаму е висок, затоа мораме да работиме на системска надградба,“ изјави Димовски.

Министерот за труд и социјална политика Бесар Дурмиши потенцираше дека најголем број несреќи се случуваат во градежништвото, земјоделството, транспортот и преработувачката индустрија.

„Нашата цел е да изградиме систем кој не реагира само по настанот, туку предвидува, спречува и штити,“ рече Дурмиши, нагласувајќи дека покрај законите, потребни се силни институции, инспекциски служби и континуирана обука.

Потребна е стратегија и реформа

Од Сојузот на синдикати на Македонија, претседателот Слободан Трендафилов побара сите институции „да почнат од себе“ и да ги ревидираат постојните процедури за процена на ризици, со цел создавање на одржлив систем, а не само на проект со формални резултати.

Претседателката на Советот за безбедност и здравје при работа, Јасмина Чалоска, предупреди дека постои стагнација во повеќе процеси – новиот закон за безбедност при работа се подготвува веќе пет години, а стручните испити не се организирани речиси половина деценија, што создава недостиг на кадар.

„Новата стратегија мора да се донесе час поскоро,“ апелираше Чалоска.

Советникот во Делегацијата на ЕУ, Александру Албу, истакна дека овој проект претставува чекор кон приближување кон европските стандарди за безбедност и здравје при работа, бидејќи вложувањето во работниците е директна инвестиција во продуктивноста и конкурентноста.

Проектот предвидува изработка на Национална стратегија за безбедност и здравје при работа 2026–2030, модернизација и дигитализација на инспекцискиот систем, креирање на ИТ-систем за евиденција на повреди и заболувања и интегрирање на безбедноста при работа во образовниот систем.

Зачлени се на нашиот е-билтен