Оземпик и апетитот за слабеење: Конзумеризмот создава болест, а фармацијата нуди „решение“

Во ерата на хиперконзумеризам, храната не е само потреба, туку и стока – внимателно дизајнирана да нè направи зависни. Од маснотии и шеќери до засилувачи на вкус и реклами кои ни велат „ти го заслужуваш ова“, секојдневно сме изложени на производи што го зголемуваат апетитот, а ја намалуваат самоконтролата. Современиот начин на исхрана, обликуван од профитот на прехранбената индустрија, води кон масовна појава на гојазност, метаболни нарушувања и хронични болести.

И токму кога „системот“ нè прави болни, друг систем нуди „лек“ – често скап, недоволно регулиран и опасен ако се зема без медицински надзор.

Ослабнал 15 килограми за 5 месеци

За пет месеци, 43 годишен скопјанец ослабел 15 килограми со користење на лекот Оземпик (семаглутид), кој е наменет за третман на пациенти со недоволно контролиран дијабетес мелитус тип 2. Овој лек може слободно да се купи во некои аптеки, без извештај од специјалист или рецепт, а во тоа се увери и Мета.мк во телефонски разговори со фармацевти.

„Не бев на лекар. Имав покачени триглицериди. Почнав да земам од лекот на своја рака. Другар мој ослабе, па решив да купам и јас. Не ми побараа рецепт во аптека. Лекот ме чини 5.200 денари за еден месец. Почнав да се боцкам со доза од 0,25 мг, па после еден месец со 0,5 мг, а потоа почнав со 1 мг. Најмногу се слабее со 1 мг“, раскажува за Мета.мк скопјанецот чиј идентитет е познат на редакцијата.

На почетокот чувствувал умор кој траел 10 дена, а гадења и други нус појави немал.

„Откако ослабнав, анализата на крвна слика покажува дека ми се намалиле триглицеридите. Целта ми е да ослабам уште 5-6 килограми. Лекот прави да не ми се јаде, а токму количините храна ми беа проблем, не можев да се контролирам колку ќе изедам. Сега, ако нарачам пица ќе изедам само едно парче, повеќе не можам. Немам потреба за благо, газирано, алкохол“, вели скопјанецот.

Извор на фотографија: HualinXMN – Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=133759262

Оземпик може да се купи на социјалните мрежи

Оземпик е инјекциски лек кој содржи семаглутид, супстанца што го имитира хормонот GLP-1 (glucagon-like peptide-1). Овој хормон природно се ослободува по оброк и го намалува апетитот преку неколку механизми, вклучувајќи побавно празнење на желудникот што дава чувство на ситост подолго време, делува на мозокот преку кој ја намалува желбата за храна и ја подобрува чувствителноста на телото на инсулин, што помага кај лица со дијабетес.

Иако звучи како „магично решение“, влијанието на семаглутидите врз апетитот е толку силно што кај некои луѓе предизвикува гадење, повраќање и други гастроинтестинални тегоби. Тоа е лек – не додаток во исхрана, и има сериозни ризици ако се користи без лекарски надзор.

Во една од аптеките со кои контактиравме претставувајќи се како заинтересирани купувачи, ни рекоа дека лекот може да се купи без рецепт или извештај од ендокринолог. Во друга, пак, ни рекоа дека лекот може да се добие само со извештај од специјалист.

„Во моментов имаме само од 1 милиграм, цената за едно пенкало е 5.433 денари, со него имате дози за 4 боцкања, а се боцкате еднаш неделно. Но, ви треба извештај од специјалист“, ни рекоа во аптеката.

Но, покрај во аптеките, во некои активни Фејсбук групи најдовме телефонски број на лице кое продава Оземпик. Ако го побарате, ќе ви даде совети како да го земате лекот, а ќе ве информира и за несаканите ефекти на лекот, иако не е лекар по професија.

Од колку милиграми ви треба, 0,25, 0,5? Ако почнувате сега, пожелно е да почнете со 0,25, тоа е препорачливо. Цената за едно пенкало е 7.000 денари. Потоа следниот месец можете да продолжите со 0,5, па после тоа, со 1 милиграм. Да знаете, можно е да имате нус појави, гадење, лошење, но тоа е нормално, бидејќи го губите апетитот“, советува продавачот.

Докторите предупредуваат дека овој лек не е за секого

Ендокринологот д-р Танер Хасан, предупредува дека само пациентите што имаат индикација треба да користат Оземпик, а за да се види дали има индикација, потребно е да се направат прегледи.

„Треба да се испитаат хормоните, да се направи анализа на крвна слика, па врз основа на тоа да се направи проценка. Треба да се види дали треба пациентот да ја менува и исхраната, директно со терапија да не се почнува. Цело време апелирам приватните аптеки да не го продаваат лекот. Лекот не смеат да го користат пациенти кои не го провериле панкреасот, оти ако имал панкреатитис, ако пиел алкохол, употребата може да направи компликации. Пациентите со карцином на тироидна жлезда или ако имаат во семејството некој со карцином на тироидна жлезда, не смеат да го користат лекот. Истото важи и за оние кои имаат проблеми со жолчката не смеат да земаат, Оземпик може да ја воспали“, вели д-р Хасан.

Неговиот колега д-р Арџент Муча од Клиниката за ендокринологија, за Мета.мк вели дека лекот исклучиво се препишува на пациенти кои имаат дијагноза дијабетес.

„Овој лек се продаваше ‘на црно’ од странски земји, можеше да се купи без извештај или рецепт од лекар специјалист. Ние, ендокринолозите го препишуваме лекот само на пациенти кои имаат дијагноза дијабетес. Бидејќи лекот е скап, не секогаш го препишуваме. Ако некој пациент нема можност да го користи, тогаш одиме со друга терапија, најчесто со онаа која ја има на позитивна листа. Треба внимателно со употребата на Оземпик бидејќи кај пациенти што немаат дијабет, ризикот е хипогликемија. Контраиндикација и за оземпик и за рубелсус (и двата се иста генерика) е хипогликемија“, вели д-р Муча.

Кога лековите како Оземпик или семаглутиди се комбинираат со други терапии кои дополнително го намалуваат шеќерот во крвта, постои ризик нивото на гликоза да падне под безбедната граница, односно ризик од хипогликемија. Тоа може да доведе до симптоми како слабост, вртоглавица, потење, забрзано чукање на срцето, ментална конфузија, па дури и губење на свест. Иако самиот Оземпик ретко предизвикува хипогликемија, ризикот значително се зголемува ако се користи без лекарски надзор или од лица кои немаат дијабет и немаат јасна контрола врз нивото на шеќер во крвта. Затоа е клучно лекот да се зема строго по препорака и под надзор на специјалист.

Внимавајте на фалсификувани семаглутиди

Светската здравствена организација (СЗО) лани на 20 јуни, предупреди за медицински производ за фалсификувани семаглутиди, тип на лекови кои се користат за лекување на дијабетес тип 2 и дебелина во некои земји. Предупредувањето се однесува на 3 фалсификувани серии производи од семаглутид класа на лекови (од специфичен бренд Ozempic), кои се откриени во Бразил во октомври 2023 година, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во октомври 2023 година и Соединетите Американски Држави во декември 2023 година.

Тогаш СЗО испрати апел до здравствените работници, регулаторите и јавноста да бидат свесни за овие фалсификувани серии лекови, а пациентите да престанат со секаква употреба на сомнителни лекови и да пријават до релевантните органи.

Тогаш и Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД реагираше на злоупотребата на лекот, кој е индициран за третман на возрасни со недоволно контролиран дијабетес мелитус тип 2, како надополнување на исхраната и физичката активност.

Оттаму апелираа дека лекот е регистриран исклучиво за третман на возрасни пациенти со дијабет тип II, кој се издава само на лекарски рецепт.

„До Агенција за лекови и медицински средства е пристигната и пријава од страна на носителот на одобрение за ставање на лек во промет за лекот Оземпик за фалсификуван лек на територијата на нашата држава. Агенција за лекови и медицински средства сака да Ви укаже на можноста за појава на фалсификат на пазарот и потребата од поголема претпазливост при набавката на лекот“, потенцираа тогаш оттаму.

Во Македонија има 140.000 лица со дијабетес

Меѓународната федерација за дијабетес (International Diabetes Federation – IDF) проценува дека во 2024 година во Македонија има 141.000 лица со дијабетес на возраст од 20 до 79 години. Од Федерацијата пресметале дека овој број ќе се зголемува и до 2050 година ќе достигне 146.600 лица. Споредено со некои соседни земји, бројката е пониска, но на пример во Словенија, постои тенденција за намалување.

Статистиката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од 2023 година, покажува дека бројот на заболени со дијабетес во земјава изнесува над 130.000 од кои 56 отсто или речиси 73.000 се жени. Од нив, повеќе од 1200 лица се секојдневно зависни од инсулин.

Она што е уште позагрижувачки е што голем дел од лицата кои имаат дијабетес не се ниту свесни за тоа бидејќи не прават проверки. Проценката на ИДФ е дека во Макеоднија има од 40 до 45.000 лица кои имаат дијабетес а не се дијагностицирани.

На светско ниво ИДФ проценува дека во моментов има 589 милиони заболени од дијабетес и таа бројка до 2050 година ќе порасне до 853 милиони. Најголем дел од нив живеат во земји со средни или ниски примања, и исто така 90 отсто од нив имаат дијабетес тип 2.

Ако се погледнат бројките за гојазноста, бројките се уште попоразителни. Според ИЈЗ, повеќе од 28 отсто од популацијата во земјава пати од гојазност. Кај децата ситуацијата е подрастична отколку кај возрасните, па така повеќе од 30,5 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години имаат зголемена телесна тежина.

Вредноста на Новонордиск го надмина БДП-то на Данска

Фармацевтската компанија Ново Нордиск (Novo Nordisk), производител на Оземпик, доживеа економски бум во последните неколку години, главно поради глобалната побарувачка на нивните лекови за дијабетес и контрола на телесната тежина – Оземпик и Вегови. Компанијата, со седиште во Данска, стана највредната европска фармацевтска фирма, а нејзината пазарна вредност  во 2024 година ја надмина и економијата на самата Данска. Приходите на Ново Нордиск скокнаа за повеќе од 30 отсто во текот на 2023 година, додека акциите на берзата постојано растеа, што привлече внимание од инвеститори ширум светот. Овој пораст се должи на сè поголемата употреба на лековите и од лица без дијабет, кои ги користат за слабеење, и покрај предупредувањата на здравствените власти.

Лек како Оземпик може да спаси животи кај лица со дијабетес. Но, неговата злоупотреба – поттикната од естетскиот притисок и пазарната достапност – отвора простор за здравствени, етички и социјални дилеми. Кога болестите се производ на системот што нè тера да јадеме повеќе, а лекот станува нова стока – треба да се запрашаме: решаваме ли проблем или само го поместуваме?

Преземено од Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен