Во Скопје вчера околу пладне се случи тешка сообраќајна несреќа во која животот го загуби пациент, а две лекарки се повредија. Инцидентот се случил на крстосницата меѓу улицата „11 Октомври“ и булевар „Кочо Рацин“, кога медицинско возило на приватна здравствена установа било принудено нагло да закочи за да избегне судир со друго возило, кое веднаш по настанот го напуштило местото.
Комбето „рено трафик“, управувано од 55-годишниот возач Ж.А. од Скопје, при силното кочење предизвикало повреди кај медицинскиот персонал кој се наоѓал во задниот дел на возилото. Дваесет и шестгодишната лекарка А.М. се здобила со тешки телесни повреди, а нејзината колешка, 41-годишната А.Р., поминала со полесни повреди. Двете лекарки биле пренесени во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде што им била укажана медицинска помош.
Во возилото се превезувал и 89-годишниот пациент Ј.Т., кој имал веќе постоечки здравствени проблеми. Тој бил итно однесен во „Св. Наум Охридски“, но лекарите таму констатирале смрт. По наредба на јавен обвинител, телото е испратено на обдукција за да се утврдат причините за смртта и евентуалната поврзаност со несреќата.
Полицијата изврши увид на местото и презема мерки за целосно расчистување на случајот, вклучително и идентификација на возилото што го напуштило местото на несреќата.

