Додека во владата се дискутираше на тема „Кочани е нашиот приоритет“ и се предлагаа нови мерки и чекори, семејствата на повредените деца продолжуваат да се соочуваат со стари предизвици – високи трошоци за третмани и долготрајно лекување на изгореници.
Ванчо Мишовски од Сапорт Кочани за Телевизија 24 вели дека во моментов сите третмани за лекување вклучувајќи и лепенки, гелови и креми се сведени на донации од хумани луѓе бидејќи родителите не можат да си дозволат да ги набават.
Генералниот директор на Црвениот Крст Саит Саити на панел дискусијата рече дека останатите собрани средства ќе им бидат доделени на семејствата на повредените веднаш по добивањето на извештајот од работната група составена од 7 лекари која треба да даде мислење за секој повреден поединечно.
Според него, ваквата практика е соодветна бидејќи секој пациент има различна потреба и тежина на повредите, и различна прогноза за нивно лекување
Сашо Клековски директорот на Фондот за здравствено осигурување рече дека дека сите лекари кои се дел од групата, директно учествувале во приемот на повредените кобната ноќ и знаат за нивната првична состојба. Досега биле оценети 160 пациенти.
Вчерашната панел дискусија предизвика и нови партиски реакции. Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска преку објава на социјалните мрежи ја обвини власат дека организира трибини во време кога родителите на децата остануиваат без работа а болницата во Кочани функционира само со една докторка.
За СДСМ, пак трибината е лицемерие и ароганција, бидејќи според нив, Кочани воопшто не е приоритет за владата. Родителите на загинатите и повредените деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, најавија нови протести оваа сабота.