Во болницата „Свети Наум Охридски“ се хоспитализирани 29 пациенти на возраст од 17 до 45 години, од кои двајца се на респираторна поддршка, изјави директорот Небојша Настов.
„Состојбата кај пациентите со изгореници може да се промени од час во час. Обично во првиот момент изгледаат подобро, но со текот на времето може да дојде до влошување, особено поради повреди кои не се видливи веднаш. Во моментов двајца пациенти се на респиратор, а уште двајца би можеле да имаат потреба од таква поддршка во текот на денот“, рече Настов.
Пациентите се со изгореници од 5 до 60 проценти, најчесто во пределот на главата, вратот и лицето, што укажува на можност за вдишување на гасови и пламен. Според директорот, тоа го отежнува прогнозирањето дали и колку пациенти ќе имаат потреба од респиратор.
Лекарите спроведуваат стандардни медицински интервенции за третман на изгорениците, вклучувајќи примарно отстранување на девитализираното ткиво. Преврски се вршат секој ден или на два дена, при што се следи состојбата и се прават дополнителни интервенции доколку е потребно.
Освен пациенти со изгореници, во клиниката има и повредени од стампедото, меѓу кои една пациентка со насобран воздух меѓу плочните марамици, за што ѝ е поставен торакален дрен.
Настов истакна дека доколку се укаже потреба, пациентите би можеле да бидат префрлени во други болници, вклучително и во соседните земји, кои веќе понудиле помош.
Пред клиниката беше и собранискиот спикер Африм Гаши, кој изрази сочувство и порача дека институциите мора да останат сплотени за да им помогнат на семејствата на настраданите.