МВР известува дека на 21.01.2026 во 15:45 часот во ОВР Кавадарци, 43-годишна кавадарчанка пријави дека на 20.01.2026 била измамена за сума од 29.930 денари.
Според пријавеното, на нејзината електронска адреса добила лажна порака во име на Оддел за моторни возила при МВР за сторен сообраќаен прекршок и со насоки за електронско плаќање на казната, по што се регистрирала според дадените инструкции и ги оставила своите лични податоци.
Според пријавеното, подоцна добила известување дека од нејзината банкарска сметка бил извршен одлив на парични средства и сфатила дека била измамена.
Од МВР известуваат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Кавадарчанката е нова жртва на вакви измами откако Министерството за внатрешни работи ја информираше јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници и пораки на социјалните мрежи.
Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.