Пандов: Затворите се најкорумпирани од сите институции на системот во Македонијa

Затворите се најкорумпирани од сите институции на системот во Македонија, тврди денеска на прес-конференција директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.

Тој вели дека дел од затворските полицајци внесуваат телефони за затворениците, а оние чесните кажуваат дека им биле нудени по неколку илјади евра за на некој затвореник да му внесат телефон во затворот. Пандов појаснуваше дека во македонските затвори има криминалци кои се многу богати, кои парите ги имаат од дрога, шверц на мигранти и друго, па лесно им е да подмитат некого. Некои со пари, а некои со други поволности.

За илустрација, Пандов рече дека бил во посета на хрватските затвори, каде во 2024 година на 1.700 затвореници биле најдени 51 телефон. Кај нас пак, по неколкуте претреси биле најдени над 1.000 телефони.

На идејата за поставување блокатори на сигнал, Пандов вели дека тоа не е изводливо, затоа што околу затвоите има изградено станбени објекти, па блокаторот ќе ги оневозможи и нивните телефони.

– Затворот „Скопје“, односно „Шутка“, како што го знаат граѓаните, кога бил граден, околу него немало никакви објекти. Сега, не знам кој давал дозволи, ама да плукнеш од таа зградата во близина, плунката ќе падне во затворскиот двор“ – опишува Пандов. Вели дека слична е состојбата и со другите македонски затвори, кои се опкружени со станбени објекти, речиси во секој град каде што постојат.

Во затворот во Штип се случил сериозен безбедносен инцидент, кога преку ѕидот била фрлена дрога, а затвореници и вработени учествувале во сомнителна ноќна потрага, тврдејќи дека барале изгубен часовник.

Пандов, информираше дека на 20 февруари околу 21:40 часот, непознато лице дошло со возило пред затворот, поминало две капии, без да биде евидентирано, и фрлило топка преку ѕидот на затворот. Наскоро потоа, затворениците Ж.Ж. – лице познато од македонското подземје – и Р.К. излегле на шеталиштето и разговарале на телефон, очигледно во потрага по топката.

Затворски полицаец ги забележал и повикал засилување. Наместо да ги тргнат затворениците, полицајците им се приклучиле во потрагата. Топката не била најдена таа вечер, но следното утро, во тревата биле пронајдени 35 грама бела прашкаста материја, за која постои сомневање дека е кокаин, и 50 грама марихуана.

Обидувајќи се да се оправдаат, затворските полицајци тврделе дека не барале дрога, туку скап часовник што наводно му бил одземен на затвореникот од затворското куче по име Цеца. Според нив, кучето трчало по тревникот и го изгубило часовникот, кој притоа не бил ни евидентиран како личен предмет.

„Се формира дисциплинска комисија, а платите на вклучените полицајци изнесуваат најмалку 57.000 денари“, рече Пандов, потенцирајќи дека сериозно ќе се постапува против вакви пропусти и сомнителни оправдувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен