ПАП тестот е најефикасен кога се изведува редовно, на секои 1-3 години според возраста и ризикот, велат од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари.
Вкупно 191 жена била прегледена во рамки на проектот Мобилни гинеколошки амбуланти за периодот март-април-мај 2025. Биле посетени Крушево, Бучин, Алдинци, Пресил, Норово, Светомитрани, Кривогаштани, Македонски Брод, КПУ Идризово, ХОПС – сексуални работнички
Од МАГО напоменуваат дека редовниот гинеколошки преглед и навремениот ПАП тест претставуваат клучни алатки за рано откривање на промени на грлото на матката. Во рамките на теренските активности на мобилната гинеколошка амбуланта, на сите пациентки им бил понуден ПАП тест – едноставна, безболна и високо ефикасна метода за скрининг на премалигни и малигни состојби.
Кај три пациентки, на просечна возраст од 42 години, била детектирана лесна интраепителна неопластична лезија (CIN 1) поврзана со HPV инфекција – што е пример за важноста на редовната проверка и можноста за рана интервенција.
Главни заклучоци од проектот се дека ПАП тестот е најефикасен кога се изведува редовно, на секои 1-3 години според возраста и ризикот, многу жени, особено од маргинализирани заедници, немаат пристап до овие услуги и скринингот овозможува навремено откривање и спречување на цервикален карцином.
МАГО препорачува да се зголеми информираноста за важноста на редовен ПАП тест, да се обезбеди бесплатен и пристапен скрининг за сите жени, без оглед на нивната социјална или географска положба, да се едуцираат жените за значењето на HPV инфекцијата и нејзината поврзаност со карциномот на грлото на матката и да се воведат редовни теренски активности и во заедниците каде нема матичен гинеколог.
„Со редовно спроведување на ПАП тестови на терен, особено кај жени кои долго време не посетиле гинеколог или никогаш не направиле скрининг, оваа амбуланта значајно придонесува за рана детекција на цервикалните промени и превенција од рак на грлото на матката. Овие резултати испраќаат силна порака – раното откривање не е привилегија, туку право, а превенцијата мора да биде достапна за сите. Поддршката за вакви мобилни модели е инвестиција во едно поздраво, поеднакво и поодговорно општество“, велат од МАГО.