По само 100 дена од работењето на новата власт, ултра партиски профил на ВМРО-ДПМНЕ беше назначен за директор на четвртиот најголем рудник во земјата – „Булмак 2016“, кој ги опфаќа рудниците Злетово и Тораница.
Поранешниот градоначалник на Пробиштип, Тони Тоневски беше именуван за директор на компанијата на местото на Гоце Мојсоски. Втор директор останува Илија Горанов Илијев од Софија. Рудникот работи под концесија на бугарскиот „Минстрој Холдинг“ и минатата година оствари приходи од околу 36 милиони евра.
Тоневски, кој е претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Пробиштип, на функцијата доаѓа од јавниот сектор, каде што до неодамна беше технички директор во Јавното претпријатие Хидросистем „Злетовица“.
-Пред да бидам назначен на оваа функција, од 2017 година па сѐ до неодамна, ја извршував функцијата на технички директор во Јавното претпријатие за извршување на водостопански дејности Хидросистем „Злетовица“ – Пробиштип, претпријатие кое е клучно за водоснабдување на градовите во источниот дел на Македонија, објави во октомври порталот „Фактор“
За Тоневски е познато дека дипломирал на рударско-геолошкиот факултет во Штип. Има работено како инжинер во рудникот Злетово, а во 2002 година таму стапува на функцијата генерален директор. Опишан е како успешен приватен стопанственик и претприемач, а од 2006 е претседател на управен одбор на Јавното претпријатие ХС Злетовица. Од 2008 до 2009 е директор на Управата за водостопанство во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а потоа станува градоначалник на Пробиштип.

– Мојата позиција во БУЛМАК 2016 вклучува управување со комплексните процеси на ископ и обработка на рудата, со цел да се обезбеди максимална ефикасност и одржливост во работењето на рудниците. Стручноста како рударски инженер ми овозможи да развијам длабоко разбирање на рударските процеси. Уште пред да го преземам мандатот како градоначалник на општина Пробиштип, имав можност да работам на повеќе позиции во рудникот „Злетово“, меѓу кои и како Генерален директор на рудникот. Тоа искуство ми помогна не само во техничките аспекти на рударската индустрија, туку и во управувањето со големи тимови, комплексни процеси и стратешки развојни планови, изјави Тоневски.
Хаварија во рудникот „Тораница“ – загадување со тешки метали
Во меѓувреме, рудникот „Тораница“, кој е дел од „Булмак 2016“, е во центарот на еколошки скандал. Според анализите на акредитирана лабораторија, водата во Крива Река е сериозно загадена по хаваријата во рудникот, при што е утврдено дека концентрациите на олово се десет пати над дозволените граници, додека цијанидот, фосфорот и азотот се зголемени за неколку стотици пати.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, изјави дека ќе бара кривична одговорност за оваа хаварија, бидејќи загадувањето претставува опасност за здравјето на граѓаните и животната средина. Државниот инспекторат, сепак, излезе со изјава дека станува збор за „технолошка вода“, без да спроведе темелни анализи.

Според законите, за вакви еколошки прекршоци се предвидуваат затворски казни од 4 до 10 години. Засега нема информации дали новиот директор на „Булмак 2016“, Тони Тоневски, ќе преземе конкретни мерки за санирање на штетите и подобрување на безбедносните стандарди во рудниците.
Загрозени се водите на Крива Река, Пчиња и бунарите во околината
Еколошката хаварија во „Тораница“ предизвика сериозни последици, вклучително и загадување на водите на реките Тораница, Крива Река и Пчиња. Покрај тоа што претставуваат директна опасност за жителите, овие токсични материи можат да имаат долгорочни последици врз почвата, земјоделските култури и сточниот фонд во регионот.
Иако компанијата „Булмак 2016“ е меѓу 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија во земјата и има финансиска стабилност, засега нема официјален план за санирање на штетите од хаваријата.
Граѓаните и локалната самоуправа бараат одговорност и итно преземање мерки за да се спречи понатамошно загадување и да се заштити животната средина.