Пазарна инспекција на терен, се проверуваат цените и во аптеките

Пазарниот инспекторат откри серија неправилности при контролите во маркетите, а дел од нив би можеле да се соочат со затворање, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, за време на посетата на Прилеп.

На терен се околу 50 инспекциски тимови кои вршат проверки во маркетите, аптеките и тобако-трафиките. Досегашните контроли покажале прекршувања поврзани со означување на намалени цени, утврдување на маржи, ценовна евиденција и сметководствено водење. Наредната недела се очекуваат казни за најголемите прекршители, а не е исклучена можноста некои маркети да бидат затворени, согласно новите законски измени, истакна Ристески.

Покрај малопродажбата, следната недела инспекциите ќе ги опфатат и дистрибутерите и најголемите увозници. Комисијата за заштита на конкуренцијата во моментов собира докази за можни случаи на „картелско здружување“, а доколку тоа се потврди, ќе следуваат соодветни санкции согласно Законот за заштита на потрошувачите.

„Мерките се донесени за заштита на животниот стандард на граѓаните. Опфатени се 102 групи или околу 1.200 производи. Трговците мора да се придржуваат кон прописите, а сите прекршувања што ќе ги откриеме ќе бидат строго санкционирани“, нагласи Ристески.

Зачлени се на нашиот е-билтен