Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пендаровски-Павел: Недвосмислена и отворена поддршка од Чешка за евроинтеграциите на земјава

 Чешка е наш значаен и докажан сојузник со кој веќе три децении градиме пријателски политички и економски односи. Особено ja цениме недвосмислената и отворена чешка поддршка за македонските евроинтеграции и пристапните преговори кои ги водиме, со цел, имплементирање на сите есенцијални реформи и наша брза интеграција во ЕУ, оцени претседателот Стево Пендаровски, кој од денеска престојува во официјална посета на Чешката Република.

– Благодарност за минатогодишниот ангажман на Чешка како претседавач со Советот на Унијата, но, и за сите напори што ги вложува земјата како дел од Вишеградската група, кои се од особен интерес за нас заради успешниот модел на регионална соработка, стои во објавата на Пендаровски на „Фејсбук“. 

Македонското и чешкото општество, наведува Пендаровски, се поврзани со силни историски и културни врски кои ги градат нашите граѓани, а нашите две држави веќе три децении градат пријателски политички и економски односи.

-На денешната средба со претседателот Петр Павел го потврдивме нашето партнерство. Чешка е наш значаен и докажан сојузник во Обединетите Нации, во ОБСЕ, а сега и во НАТО Алијансата. Во изминатите неколку години имаме и постојан пораст на трговската размена како потврда на постојаниот развој на нашите билатерални врски во повеќе полиња, се наведува во објавата на официјалниот ФБ профил на Пендаровски по повод отпочнувањето на посетата. 

Претседателот Пендаровски во Прага беше пречекан со највисоки државни и воени почести од неговиот чешки колега со што започна неговата официјална посета на Чешката Република. Двајцата претседатели остварија тет-а-тет средба, на која биле потврдени искрените пријателски односи меѓу двете држави. На средбата се разговарало за македонските аспирации за членство во Европската Унија, партнерството во НАТО, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина. 

Во рамки на дводневната посета на Чешката Република, шефот на државата Пендаровски ќе има средби и со претседателот на Владата, Петр Фиала, со претседателот на Сенатот на Парламентот Милош Вистрчил, како и со претседателката на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република, Маркета Пекарова Адамова. 

Зачлени се на нашиот е-билтен