Пет пациенти пуштени денеска, двајца се враќаат од Литванија и Шведска, четворица во критична состојба

Од вкупно хоспитализираните 21 пациент во Скопје по несреќата во Кочани, денеска ќе бидат пуштени пет. Четири пациенти од оние што се лекуваат во странство се критични, кај двајца повторно е влошена состојбата. Се уште има и интубирани пациенти во тешка, но не и животно загрижувачка состојба, соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.

Како што рече Таравари на прес-конференција, надвор од државата се 89 пациенти, но двајца се враќаат од Литванија и Шведска. Тие најпрво ќе бидат примени и прегледани во домашните болници од каде биле и испратени, според протоколот ќе бидат задржани 24 часа, а потоа ќе бидат пуштени дома.

За утре нема најава за враќање на други пациенти од странство, но во понеделник, истакна министерот, сигурно ќе се вратат пет.

-Од хоспитализираните, шест се во Клинички центар, шест во Градската болница и пет во ГОБ „8 Септември”, додека четворица се во приватните клиники. Денеска има пет исписи на пациенти кои се во подобра состојба и одат на домашно лекување по што ќе останат вкупно 16, информира Таравари.

Зачлени се на нашиот е-билтен