Петта кривична пријава за Костадин Костадинов, осомничен за незаконска легализација

Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, доби нова кривична пријава поради сомневања за злоупотреба на службената положба при легализација на бесправно изграден објект во селото Куклиш. Според полицијата, со незаконското постапување на сопственикот му било овозможено да стекне имотна корист и сопственост врз државно земјиште од над 866 квадратни метри.

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против Костадинов (36), поранешна раководителка на Секторот за урбанизам во Општина Струмица и поранешен управител на фирма од Битола, поради сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување исправа.

Според наводите во пријавата, Костадинов и поранешната раководителка во 2022 година постапиле спротивно на законските прописи за да овозможат легализација на бесправно изграден објект на катастарска парцела во Куклиш.

За таа цел бил побаран геодетски елаборат со кој требало да се избришат постојните објекти во сопственост на Општина Струмица, а кои се наоѓале на државно земјиште. Поранешниот управител на фирмата од Битола, според пријавата, изготвил елаборат и технички извештај во кои невистинито било наведено дека на парцелата нема објекти.

Врз основа на овие документи биле избришани општинските објекти од катастарската евиденција, по што била спроведена постапка за легализација.

Костадинов, како тогашен градоначалник, издал решение за легализација на бесправно изградена зграда со намена стовариште, со внатрешна површина од 161 квадратен метар.

Со постапката, според наводите на надлежните институции, на жител на Куклиш му било овозможено да го откупи земјиштето под објектот и да стекне сопственост врз дополнителни 866,46 квадратни метри државно земјиште.

Во пријавата се наведува и дека пријавените не ги зеле предвид претходните судски одлуки поврзани со објектот.

Вишиот управен суд уште во 2016 година ја одбил жалбата на сопственикот против претходно одбиеното барање за легализација, бидејќи на парцелата постоеле објекти во сопственост на Општина Струмица.

Во 2019 година истиот суд потврдил дека објектот бил изграден без соодветно одобрение за градење. По ова, овластен градежен инспектор донел решение за негово отстранување.

И покрај судските одлуки и инспекциското решение, според полицијата, во 2022 година била спроведена постапка со која на сопственикот му била овозможена противправна имотна корист, на штета на општината и државата.

Ова е петта кривична пријава поврзана со работењето на Костадинов како градоначалник на Струмица, според досега објавените информации.

Претходните пријави се однесуваат на сомневања за неправилности при набавката на електрични автобуси, даночни ослободувања, одобренија за реконструкција и други постапки поврзани со градежни активности.

Костадинов беше градоначалник на Струмица од октомври 2021 до октомври 2025 година, како кадар на СДСМ.

Поднесувањето кривична пријава не значи и утврдена кривична одговорност. За наводите во новата пријава треба да постапува надлежното обвинителство.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?