Писарев во „Интеркултура“: Подобро „странски платеник“, отколку домашен лопов

Во шорткастот „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски разговара со Никола Писарев, уметник, граѓански активист и организатор на протести, герила акции, уметнички интервенции во јавниот простор. Тие дебатираат за актуелните состојби од општеството, протестите како форма на граѓанско незадоволство, одговорот на наддлежните институции, општествената клима и дестимулирањето на граѓанскиот револт, за разочарувањето и надежта за подобра иднина.

Според Писарев, во ситуација кога општеството е преполно со проблеми, поводи за протест има постојано. Тој гледа голема надеж во кревањето на гласот на младите луѓе во однос на последните масовни несреќи, како пожарот во Кочани и сообраќајните инциденти. Според него, тие луѓе се нови и неизвалкани и затоа има голем страв од нивната граѓанска моќ. Одговорот на властите, според Писарев, не треба да биде нивно замолчување туку решавање на проблемите. И, не насочување на стравот кон етнички проблеми или нарушување на безбедноста, туку кон реалните прашања со кои се соочуваат младите: дишењето загаден воздух, нездравата храна и вода и сл.

„Не  можете да ги замолчите. Никого не можете да го замолчите. Можете да купите молк, на сила, со пари, со ова со она, ама тоа ќе трае одредено време. Ќе трае месец, два, три, пет, повторно ќе искочи таа приказна, повторно луѓето ќе си бараат чаре и ќе си бараат решенија, затоа што младите генерации сега имаат една друга перцепција. Не ви ги купуваат приказните дека кога зборуваме за безбедноста, дека безбедноста доаѓа од надвор, дека доаѓа од етнички конфликти, дека доаѓа од некакви такви глупости, туку они викаат безбедноста доаѓа – дека ќе те згази кола, дека пиеме лоша вода, дека дишеме лош воздух и дека не знаеме што јадеме, и дека апсолутно се во право. Ако ги земеме бројките ние, помалку луѓе изгинаа 2001 година отколку што изгинавме без врска. Така што, апсолутно се во право и таа приказна треба да ја сфатат и носителите на одлуки“, категоричен е Писарев.

„Тој што не му одговара кога протестирате против него, кога прави некакви глупости, он секогаш ќе најде начин да ве оцрни, да кажува приказни, да ве спои, да готви, тоа се кујни коишто прават теории на заговор, немаат друго решение. И мислам дека тука креативата многу може да помогне, помага, затоа што, како прво, креативата може да биде анонимна, сите акции, многу акции коишто сме ги правеле ние, никој не знае кој ги правел, ние ако кажеме дека е наша може да кажеме и дека не знаеме кој е. Меѓутоа битна е пораката, битна е приказната. И мислам дека современиот политички пејзаж оди кон тоа и дека уште повеќе ќе се заострува“, смета тој.

„Јас се сеќавам кога ги правевме протестите, акциите за водата во Гевгелија, они нас ни викаат, не знам – вие сте соросоиди, вие сте вакви. Ние им викавме, абе ние сме, можда и од кај Бин Ладен, ама вашата вода е отровна, од таа вода умираат луѓе. И, едноставно, се заќутеа после тоа. Така што, треба малку да се одговара и на нивни начин некогаш. Да им се плесне во фаца. Ако сме ние странски платеници, они се тогаш домашни лопови. Увек е боље да си странски платеник одошто домашен лопов којшто ги краде парите на граѓаните, а тоа го видовме. Мислам, ние имаме оксиморон, анти-антикорупциска, како беше. Значи, тој што треба да те штити од корупција е фатен во корупција“, вели Писарев.

За него, заморот кај активистите не настанува поради мноштвото на проблеми или притисокот од власта, туку кога човек чувствува дека сè носи сам на негови плеќи од организациска природа. Затоа, според него, е потребно луѓето што протестираат да работат тимски. Секако и да наоѓаат начини на релаксација, да не се секогаш и постојано преокупирани со општествените проблеми.

„Сега е многу добро за луѓето коишто се бават со култура, со уметност, со некаков креативен активизам, затоа што живееме во општество на спектакл. И многу е лесно, преку уметничка акција, мала, да направите спектакл. Со многу малку пари, со многу малку енергија може да направите мини—спектакл којшто живее на мрежите, којшто живее насекаде и којшто боцка во очи. Практично, тој burnout кај многу активисти може да се насочи во таква една насока, во креативно размислување, кон конструктивна критика, на некакви, не мора да бидат тоа уметнички акции, луѓето кои што немаат уметнички бекграунд, туку на некакво креативно делување за проблемите, и на нешто што е малку подзаборавено, а тоа е типот на индивидуален протест кај нас. Значи, не мора протестот да има 500 луѓе. Еден човек. Го имаме оној господин Бранко, којшто протестира дваесет години, десет години веќе пред суд. Он е за мене херојот на нашето време. Он уште пред десет дванаесет години за некакви таму решенија на општина Кисела вода кои се оспорени на не знам каков суд, искочи и ни покажа уште 2011-2012 дека нам судскиот систем ни е тотално еродиран и нефункционален.“

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура“.

Зачлени се на нашиот е-билтен