Планинска еко акција на врв Лако Сигној – Национален парк Галичица

Членовите на Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА – Охрид спроведоа голема еко акција за расчистување и обновување на врвот Лако Сигној (1984 м.н.в.) во Националниот парк Галичица.

По неколкугодишно планирање и со помош од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), во рамки на проектот „Авантуристичка зона во НП Галичица“, во текот на јуни и јули 2024 година беа отстранети остатоците од застарена радиокомуникациска инфраструктура – рѓосан метал, бетон и железни конструкции што со децении го нарушуваа природниот изглед на оваа импресивна планинска локација.

Врвот Лако Сигној се наоѓа на крстопатот на популарните планинарски патеки High Scardus Trail и Lake View Trail, кои секоја година привлекуваат илјадници љубители на природата од целиот свет. Оваа акција не само што ја врати природната убавина на местото, туку и го подобри целокупното искуство за посетителите.

Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА – Охрид останува посветен на зачувување и унапредување на „Авантуристичката зона“ во Националниот парк Галичица, која покрај Лако Сигној ги вклучува и алпинистичките локалитети, спортско качување, Виа Фератата „Доброја“, планинската куќа „Спиридон“ и нови содржини што се во подготовка.

Зачлени се на нашиот е-билтен