Оваа есен скопјани дознаа колку голем предизвик е да се одржи чистата животна средина, чисти улици и чисти тротоари, но тешката ситуација која ги затекна можеби им помогна и да сфатат колку отпад се создава секојдневно во овој голем, скоро милионски град.
Скоро 40% од целокупниот отпад кој се исфрла во контејнерите е амбалажен отпад, како картонски кутии, пластични и стаклени шишиња, лименки и слично. Картонските кутии заземаат 40% од просторот во контејнерите, а доколку селективно се одложат, или пак се соберат, би зафаќале помалку простор. Истовремено Пакомак има поставено посебни контејнери за стакло, посебни за пластика, со намера тој отпад таму да се одложува, и од таму да се носи на рециклирање, и да не заврши во депонија, која не е по стандарди, и која ја загадува животната средина.
А на располагање ги имаме и Повратните вендинг машини (ПВМ) за амбалажен отпад поставени од страна на Пакомак во соработка со Швајцарската амбасада, каде може да одложуваме пластични шишиња и лименки, и за тоа да добиеме зелени вредносни поени, кои може да ги искористиме на различен начин.
Овие машини се поставени на стратешки локации, со цел чрашаните да може лесно и едноставно да го одложуваат амбалажниот отпад во вид на пластика и лименки, а за секое одложено парче отпад жителите добиваат повратни „зелени поени“ кои се акумулираат во мобилната апликација Екомак.
Интересен е податокот дека практично во секоја општина каде што се поставуваат Повратни вендинг машини (ПВМ) е забележан пораст на интересот за селектирање на отпад, а пластичниот отпад сѐ поретко може да се забележи во обичните контејнери. Дел од општините дури даваат и дополнителна поддршка за оваа иницијатива, преку субвенционирање на т.н. „зелени поени“ – со што ваквите поени добиваат двојна вредност и жителите имаат двојно поголема корист од нив. Ваквата пракса веќе одамна ја применуваат 14 општини како Берово, Штип, Битола и многу други. Но, ова не е случај со ниту една општина во Скопје.
Како најголем град во земјата, во Скопје се поставени и најмногу машини, распоредени во скопските општини. Меѓутоа ниту една скопска општина досега нема решено да ги субвенционира „зелените поени“ – иако сите овие локални самоуправи знаат дека тоа би донело двојна добивка – и за граѓаните, и за самите општини. Затоа што вредноста на субвенционираните поени потоа Општината може да ја донира и да ја реупотреби во пошироки цели. Можеби е време Скопје и неговите општини да земат пример од некои од помалите градови…
Ако се земе предвид ситуацијата на терен, може да се заклучи дека во општините каде што се субвенционираат „зелените поени“ жителите се помотивирани да го селектираат отпадот, собираат повеќе отпад, а тоа носи и до воспоставување на трајни здрави навики во целата заедница.
Но, уште поважна и позначајна придобивка за општините е тоа што помала количина на амбалажен отпад завршува во обичните контејнери. А во текот на целата „отпадна криза“ во Скопје, ПВМ и контејнерите за селективно одложување на пластика, хартија и стакло редовно се празнеа и беа чисти, што не беше случај со другите контејнери и отпадни садови. Што значи ваквата еко-пракса работи и навистина придонесува за градот, општините, улиците да бидат почисти.
Селектирањето отпад преку повратни вендинг машини значително го забрзува растот на одговорноста и свеста, но поттикот кој го даваат самите Општини ја стимулира ангажираноста на граѓаните и прави тие да се вклучат во поголем број. Навистина би било добро доколку ова биде уште една тема за размислување на состаноците на скопските општински советници и градоначалници… бидејќи не’ засега апсолутно сите.

