Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Платформата против корупција и ДКСК со предупредувања за измените на Законот за јавни набавки што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) изразуваат загриженост за предложените измени на Законот за јавните набавки, доставени во Собранието на 5 декември 2024 година. Двете страни укажуваат на опасноста од уназадување на системот за спречување корупција.

Платформата смета дека укинувањето на управната контрола од страна на Бирото за јавни набавки (БЈН) е неосновано и непродуктивно, особено во услови на растечки индиции за злоупотреби на јавните пари. Од друга страна, ДКСК предупредува на недостиг од јавна расправа и експертска анализа, особено за делот кој предвидува смена на составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки во рок од само 15 дена.

ДКСК посочува дека јавните набавки се клучна област во Националната стратегија за спречување на корупцијата (2021-2025) и дека секоја измена на законите мора да биде предмет на транспарентна проценка. Оттаму, комисијата започнала антикорупциска проверка на предложените измени, со цел идентификување на ризиците од корупција и судир на интереси пред нивното усвојување.

И Платформата и ДКСК апелираат до институциите за инклузивен процес, кој ќе вклучи надлежни тела како Бирото за јавни набавки, Министерството за финансии и граѓанските организации. Тие потенцираат дека ваквата пракса е суштинска за градење транспарентен и праведен систем кој ќе ги штити јавните интереси и ќе ја зајакне борбата против корупцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен