Платите за вработените во приватниот сектор треба да достигнат од 50.000 до 60.000 денари

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара итно зголемување на платите во приватниот сектор, нагласувајќи дека ниските примања претставуваат сериозна пречка за економскиот напредок на земјата. Потпретседателот на ССМ за приватниот сектор, Иван Пешевски, на денешната прес-конференција посочи дека проблемите со работничките права се сериозни и бараат брзо решавање.

„Приватниот сектор во Македонија е клучен за економскиот развој, но неговата продуктивност зависи од квалитетот на работната сила. За да привлечеме квалификуван кадар, особено млади професионалци, потребни се безбедни и достоинствени услови за работа, како и значително повисоки плати“, изјави Пешевски. Според него, минималната плата не треба да биде само 500 евра, туку да биде основа која ќе се зголемува со коефициентот на сложеност на работните задачи, со што платите за вработените во приватниот сектор треба да достигнат 50.000 до 60.000 денари.

Пешевски потсети дека голем број на работодавачи во приватниот сектор се жалат на недостиг на кадар, но според него, овој проблем ќе се влоши доколку не се зголемат платите. „Работниците не ќе останат ако не обезбедите конкурентни услови. Тие ќе мигрираат во потрага по подобри можности. Со сета почит кон оние кои веќе ги исполниле основните услови за работа, мора да се признае дека ваквите решенија се однесуваат на мал процент од вработените“, додаде тој.

И покрај тоа што ССМ продолжува да се бори за правата на работниците, Пешевски изрази загриженост за нараствачките напади и притисоци врз синдикалните членови. „Во изминатата година, повеќе од 12.000 работници добиле бесплатна правна помош од страна на ССМ. Но, истовремено се соочуваме со обиди за притисок и фаворизирање на други синдикати, кои не ги поддржуваат нашите барања за зголемување на платите“, истакна тој.

На крајот, Пешевски ја повтори повикот на ССМ за масовно учество на првомајскиот протест, кој ќе се одржи на 1 мај пред Собранието на Македонија, и ја истакна потребата од итно преземање на одговорност од страна на Владата и работодавачите.

Зачлени се на нашиот е-билтен