„Playful Pages“– најдобрата Џуниор Ачивмент ученичка компанија патува на Европски натпревар во Грција

Победник на националниот натпревар на ученички компании за учебната 2024/2025 година организиран од Џуниор Ачивмент Македонија е  ”Playful Pages“ од средното училиште ОСУ „Јовче Тесличков“ од Велес, кои со својата идеја сакаат да ги оживеат заборавените традиционални детски игри и да ги приближат кон денешните генерации на иновативен, инклузивен и едукативен начин. „Playful pages“ е првата инклузивна сликовница на македонски јазик која преку аудио, видео и визуелна поддршка ги оживува заборавените детски игри.

Второто место му припадна на DoneRight“ од средното училиште СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола чија бизнис идеја нуди решение за клиентите и мајсторите/занаетчиите полесно да се поврзат и да разменуваат услуги. DoneRight е веб платформа што ги поврзува професионалците од различни занаетчиски и услужни дејности со клиенти на локалниот пазар.

Третото место го освои ученичката компанија ”Trash Wiper“ од средното училиште СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје чиј производ/услуга се состои во примена на специјално формулирано органско ѓубриво преку автономни дронови кои дејствуваат директно на депонии, расфрлан отпад или земјоделски површини со цел забрзано разградба и природна рехабилитација на почвата.

70 средношколци од 11 училишта, водени од 13 наставници, кои беа дел од Програмата за ученичка компанија на ЏА Македонија оваа учебна година, учествуваа на националниот натпревар на 7ми мај во Скопје. Средношколците предводени од одговорниот наставник имаа можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година на штанд, и да се натпреваруваат за прва награда и учество на Европскиот натпревар на најдобри ученички компании кој годинава ќе се оддржи во Атина, Грција со повеќе од 800 директни учесници.

За време на натпреварот на присутните гости им се обратија Милка Тримчевска, Директор на Бирото за развој на образование и Данеила Димовска, Директор на Агенцијата за поддршка на претприемништво.

Натпреварот е помогнат од Агенцијата за поддршка на претприемништво на РСМ, М6 едукативниот центар, Анхоч, Brainster next college, АРС Ламина, Кожувчанка, Пролом вода и Виталиа.

Организацијата Џуниор Ачивмент Македонија веќе осма година организира Национален натпревар на најдобри ученички компании. Од 2017 година до денес во програмите за претприемничко образование на Џуниор Ачивмент Македонија се вклучија повеќе од 3.500 ученици. Работата на учениците во голем дел отвора прашања од одредени индустрии, чиј одговор може да го дадат бизнис луѓе кои се експерти во дадената област. За повеќе информации за Џуниор Ачивмент Македонија, посетете ја веб страната и нашиот фејсбук профил.

Зачлени се на нашиот е-билтен