Соња ТАНЕСКА
Трагедијата во која загинаа 59 млади лица, а над 190 се тешко повредени и се наоѓаат во болниците во Македонија и околните држави, ја отвори темата за безбедноста во ноќните клубови. Петар Плотников, претседател на Противпожарниот сојуз на Град Скопје (ПСГС), укажа на клучните пропусти во противпожарната заштита на објектот, но и на системскиот неуспех во контролата и издавањето дозволи.
-Никој ли од општината не отишол објектот да го види. Општината е надлежна да ги провери тие документи и врз основа на нив да издаде употребна дозвола. Така треба да биде, таков е редоследот“, вели Плотников.
Плотников вели дека надлежноста за издавање на употребна дозвола ја имаат Дирекцијата за заштита од пожари и општината, но во многу случаи тие или не го посетуваат објектот, или нивната работа е компромитирана од корупција.
„Дискотеката немаше ниту хидрантска мрежа, ниту прскалки, ниту соодветен систем за евакуација. Имаше само два противпожарни апарати, кои не се доволни за гаснење пожар во објект од ваков вид“, вели Плотников. Тој објаснува дека пожарот се проширил брзо поради запаливите материјали во ентериерот, но доколку имало функционална хидрантска мрежа, можело да се спречи толкава загуба на животи.
-Токму затоа Дирекцијатаод аспект на заштита од пожари, врши увид и одобрува, дава одобрение и дозвола бсогласно квадратурата и спрема противпожарното оптеретување и спрема условите за за која намена е, се одредуваат средства за гасење, вели Плотников.
Според него доколку имало протокол еден од важните моменти е да се исклучи струјата за да не настане поголем пожар, а и да се избегне бројот на жртви од струен удар, во случајот тоа исто така не било внимавано.
Недостаток на итен излез и неисправна употребна дозвола
Влезната врата на објектот не била соодветна за бројот на посетители. Немањето на помошен излез значително ја усложнило евакуацијата. Иако настанот бил организиран за 250 лица, во моментот на несреќата во дискотеката имало околу 500 луѓе. Ова укажува дека објектот работел над своите дозволени капацитети.
„Доколку надлежните органи навистина го провереле објектот, немаше да му дадат дозвола за работа во ваква состојба“, вели Плотников.
тој додава дека затоа е важно да се формираат противпожарни друштва во општините за кои се одовјуваат пари од централниот буџет, најчесто оваа тема е актуелна за време на летните пожари, а потоа сите забораваат.
Законот за противпожарна заштита јасно предвидува дека општините имаат обврска да формираат противпожарни друштва и да се грижат за превентивни мерки.
„Ниту една институција не го сфаќа ова сериозно“, предупредува Плотников.
Во врска со регулативата, тој објаснува дека објекти како ноќни клубови треба задолжително да имаат:
-Автоматски системи за гасење пожари,
-Системи за рана дојава на пожар,
-Обучени лица од обезбедувањето кои знаат како да реагираат при пожар,
-Противпожарни апарати на секои 20 квадратни метри,
-Хидрантска мрежа.
Оваа трагедија е последица на сериозни пропусти и институционален неуспех. Потребна е итна ревизија на сите ноќни клубови во земјата, со строги инспекции и соодветни санкции за оние што не ги исполнуваат условите.
Плотников ја истакна улогата на медиумите во подигањето на јавната свест: „Новинарите можат да направат повеќе од нас во пожарната служба, бидејќи нивните извештаи ги гледаат илјадници граѓани. Транспарентноста и јавниот притисок се клучни за промени.“
Со нови и построги регулативи, со вистинска контрола од надлежните институции и со зголемена јавна свест, може да се спречат вакви трагедии во иднина.