По арапските инвеститори, сега британски заем – каде е конкретниот проект за „Чебрен“?

Македонија со децении не успева да ја изгради хидроцентралата на Црна Река во Мариово, која е од витално значење за енергетската стабилност во земјата. Проектот „Чебрен“ по 14 неуспешни тендери во последните 33 години повторно добива нова шанса, овојпат во пакет со хидроцентралите „Галиште“ и „Орлов Камен“.

Вчера премиерот Христијан Мицкоски во Собранието ја актуелизираше темата на надзорната расправа за амбиенталниот воздух, најавувајќи дека изградбата ќе се финансира преку британски заем, што претставува нова фаза во проектот. Пред само нешто повеќе од еден месец, тој го претстави истиот проект пред инвеститори од Обединетите Арапски Емирати.

„Планираме да ги реализираме хидроцентралите ‘Чебрен’ и ‘Галиште’, како и ‘Орлов Камен’ преку заем од Обединетото Кралство. Вредноста на инвестицијата се проценува на околу 1,2 до 1,3 милијарди евра“, рече Мицкоски.

Во претходниот состав на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ силно се спротивстави на тендерот доделен на грчката компанија ППЦ – Архиродон, која доби концесија за користење на водата од Црна Река. Според овој тендер, хидроцентралата требаше да има инсталирана моќност од 333 MW и да работи во каскаден систем со постоечката ХЕЦ „Тиквеш“, што би ја зголемило капацитетноста на системот над 400 MW. Меѓутоа, по притисоците во Собранието и од дел од јавноста, грчката фирма се повлече, не уплатувајќи гаранција во рокот, што доведе до пропаѓање на тендерот.

Премиерот сега е уверен дека земјата има потреба од овие две хидроцентрали, не само за производство на електрична енергија, туку и за справување со климатските промени и обезбедување на доволно вода за наводнување на 55-60 илјади хектари земјоделско земјиште во Тиквешко поле.

„Овие акумулации, покрај енергетската функција, ќе овозможат развој на туризам во руралниот регион на Мариово, кој моментално е ненаселен и опкружен со планини. Имаме интерес од приватни инвеститори за развој на туристички содржини“, додаде Мицкоски.

Најновата верзија на проектот следи по неодамнешната посета на Мицкоски на Обединетите Арапски Емирати, каде што пред богатите инвеститори беше претставена целата инфраструктурна визија, вклучувајќи ги коридорите 8 и 10, туристичките центри Охрид и Попова Шапка, но и проектите „Чебрен“ и „Галиште“.

Сепак, и покрај оптимизмот во Владата, долгогодишните неуспеси на тендерите и отпорот на дел од политичките актери оставаат простор за претпазливост.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение го обвини СДСМ и ДУИ дека ја занемариле животната средина и немаат реализирано ниту еден проект за намалување на аерозагадувањето, иако токму тие претходно беа најголемите противници на проектите за изградба на хидроцентрали, ветерни паркови и гасни централи.

Новиот британски заем од шест милијарди евра, од кои околу 20% се планирани за „Чебрен“ и „Галиште“, ќе се делат и со други инфраструктурни проекти, како изградба на брза пруга од Табановце до Гевгелија.

Проектот за „Чебрен“ започна уште во 1964 година, а првите технички документи се подготвувале од 1986 година. По 14 неуспешни тендери, оваа хидроцентрала останува симбол на долгогодишните предизвици во македонската енергетска политика.

Прашањето останува: Дали ова ќе биде таа третa среќа или повторно ќе остане само недостигнат сон?

Зачлени се на нашиот е-билтен