По двегодишна пауза, Скопје повторно доделува субвенции за инвертер клими

Dinkun Chen, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons
Dinkun Chen, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

По двегодишен застој, граѓаните на Скопје повторно ќе добиваат субвенции за набавка на инвертер клима-уреди. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски доцна вечерва ги потпиша решенијата за исплата на средствата, по завршувањето на јавниот повик на кој аплицираа жителите на главниот град.

Според градските власти, мерката е насочена кон поддршка на домаќинствата кои во текот на 2025 година инвестирале во високо ефикасни уреди за затоплување. Ѓорѓиевски посочува дека инвертер климите носат пониски трошоци, поголема енергетска ефикасност и подобри услови за живеење, додавајќи дека ваквите инвестиции ја намалуваат потрошувачката на енергија и емисиите во воздухот.

Градот ќе им надомести до 20.000 денари по домаќинство, во нето износ, а трошокот за данок на личен доход целосно ќе го покрие од сопствени средства. Притоа, субвенциите важат за сите жители кои купиле инвертер клима од 1 јануари 2025 година до затворањето на повикот и навремено поднеле барање за надомест.

Од локалната самоуправа најавуваат дека во наредните месеци ќе следуваат нови јавни повици за различни видови субвенции, со цел олеснување на секојдневните трошоци на скопјани и унапредување на квалитетот на живот во градот.

Јавниот повик за субвенционирање на инвертер клима-уреди беше распишан во јуни, како дел од програмата за поттикнување користење енергетски ефикасни и еколошки прифатливи системи за затоплување.

Зачлени се на нашиот е-билтен