По повод Цветници црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар преполна од народ од сите делови на државава

По повод празникот на влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници, како најава за конечниот триумф на животот над смртта, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар беше претесна да ги прими повеќето стотици верници, кои ги имаше од сите делови на нашата држава.

Повозрасните дебрани со носталгија се потсетија на некои поранешни времиња, кога во градот живееле многу православни, кои го исполнувале овој божји храм и беа пресреќни што годинава повторно светна во полн сјај.

-Денес, Дебар е исполнет со радост. Денес, Дебар го дочекува нашиот Спасител да влезе во Ерусалим. А Ние го чекаме да влезе нашиот сакан владика Партениј во нашиот преубав и возобновен храм „Успение на Пресвета Богородица“. Ние, дебрани се чувствуваме почестени што утрово од цела Македонија се дојдени верници за заедно да ја споделуваме среќата на овој голем празник со кој се најавува спасението на човештвото. Полн храм, насмеани лица, поклонение пред новата икона на Слаткољубивата Владичица наша – ова е она што ни било потребно, рече за МИА Бранка Љубиновска.

И таа и другите верници рекоа дека „до бескрај се благодарни на владиката Партениј, на братството од Бигорски и сестринствата од Рајчица и Пречиста, за овој подарок за Дебар – возобновен и преполн храм“.

Неговото преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј по отслужената Божествена Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше, одржа беседа со која ги поткрепи дебрани и сите присутни подготвувајќи ги за Великата и страдална седмица и воскресението Христово. На крајот посебно го истакна трудот на дебрани кои месеци наназад се грижат да помогнат во реставрацијата на црквата.

Од името на дебрани прими панаѓија со која му ја изразија верноста и благодарноста за се она што го прави тој за овој крај за сочувување на православието и негувањето на вековниот соживот.

Годинашниот кум на празникот и пожртвуван волонтер во разубавувањето на храмот, Сашко Станковиќ, изјави дека е „чест и задоволство и многу значајно за сите посебно за младите луѓе од овој некогаш заборавен, а сега со владиката Партениј, воскреснат крај, да се биде дел од овие значајни реконструкциски зафати“.

-Ме прашавме зошто е важно. Затоа што со помош на владиката Партениј и заедно со него правиме нешто значајно за татковината, за идните генерации, за децата, за младите, за да научат и тие да го прават истото што го правеле нашите предци за да ја сочуваат верата и традицијата, дури и во најтешките времиња, одговори Станковиќ.

Сашко и неговата сопруга Елена на владиката Партениј му подарија зографисана икона од празникот Цветници.

-Скромниов дар е симбол на благодарноста кон Вас. Чест и задоволство ни е што минатата година, токму нас ни го дадовте дарот да бидеме кумови, благословувајќи не со пород, со што Вашиот татковски благослов влезе во нашиот дом и донесе нова радост, нова надеж, донесе Воскресение. Малку се зборовите што можат да ја опишат љубовта која ја чувствуваме кон Вас! Не можеме да објасниме колку ни значите Вие и Вашата татковска љубов. Ви благодариме за секое дело направено за сите нас, а најмногу за сето трпение што го имате кон нас. Се надеваме дека со Вашиот благослов ќе растеме како добро христијанско семејство, рекоа сопружниците.

Одбележувањето на празникот го разубавија членовите на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево со изведба традиционални каланди.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ се наоѓа во стариот дел на градот, изградена е во 1840 година и е една од најубавите преродбенски цркви во земјава. Со благослов на владиката Партениј реконструкцијата почната минатата, а продолжи и годинава.

-Целосно е обновена покривната подконструкција на северниот и јужниот кораб на црквата, кои завршуваат со рамна таваница и малтер и дел од сводовите од бондрук. Ги исчистивме двете престолни икони, како и убрусот над дверите, а целосно се заштитија и гредите на иконостасот. Поставени се нови прозорци, а на олтарната врата поставивме портал од травертин. Во изработка се уште два портали за двете влезни врати од антрето на храмот. Голема е поддршката и од дебрани кои активно учествуваат во секој процес од самата реконструкција, но и од луѓе кои доброволно се вложуваат иако нивното потекло не ги поврзува со овој храм или крај. Благословот од Мајката Божја го чувствуваат сите кои од срце се вградуваат да воскресне овој храм, рече сестра Елисавета од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица.

Овој божји храм порано бил главен соборен храм на дебарското архијерејско намесништво, но и седиште на дебарската митрополија, поради што и ден денес просторот пред црквата сите го нарекуваат митрополија.

Зачлени се на нашиот е-билтен