По список: ССМ утре ќе ги блокира Стопанската Комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис Конфедерацијата

ССМ

Сојузот на синдикати продолжува со блокадите на институциите, како притисок за исполнување на барањата за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Утре во 12 часот ќе се блокираат Стопанската Комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис Конфедерацијата. Блокадата ќе започне на раскрсницата пред Стопанската Комора, каде, како што најавуваат од ССМ, ќе застанат 21 претставник на синдикатот, онолку колку што е потребно согласно законскиот минимум за да се блокира улица.

„Нема да дозволиме работниците да им мрзнат на газдите на улица, да им мрзнат на пратениците на улица и да и мрзнат на Владата на улица само за да ги блокираат, како што тие ги блокираат работниците, некои 36 години, некои две години, а некои една година, велат од ССМ.

Посочуваат дека пред Стопанската комора ќе блокираат газди кои ги блокираат работниците 36 години, кои одбиваа до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати, како и да ја зголемат минималната плата, а се жалат дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не можат да ги задржат.

„Ќе блокираме газди кои се исплашија од нападите на Владата и нападите на политичките партии на работниците и на синдикатите, ќе блокираме газди се додека не донесат одлука за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.

Ги повикувам работниците кои можат и кои ќе поминуваат да ни се придружат макар и на пет минути затоа што другите не бројат иако овие блокади кои се таргетирани и наменски се планирани со по 21 човек на улица“, вели првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој најави дека по завршувањето на блокадите на Парламентот, Коморите и Владата, ќе се организира и уште еден голем работнички протест, кој ќе биде во неработен ден и за кој ќе има превоз од сите градови, за сите работници да имаат шанса да дојдат.

„На тој ќе излеземе многу повеќе од 21 човек на улица, пред да го организираме генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор доколку и понатаму продолжат со игнорантскиот однос“, рече Трендафилов.

Зачлени се на нашиот е-билтен