Огласот за концесија на комплексот „Македонско село“ ќе биде објавен до крајот на оваа недела, вели директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски. Огласот ќе биде поделен на четири дела, што ќе овозможи различни концесионери да се пријават за поединечни сегменти на комплексот, првите три дела ќе вклучуваат по три куќарки, додека четвртиот дел ќе се однесува на три ресторани.
Според него оваа поделба ќе привлече поголем број на конкуренти и ќе го зголеми интересот, што ќе придонесе за поголема крајна цена.
Ако еден концесионер ја преземе целата понуда, почетната месечна цена за закупот ќе изнесува 240.000 денари, што е околу 4.000 евра. Процесот ќе се спроведе преку електронско наддавање преку Министерството за финансии, а договорот ќе биде за период од 15 години.
За дополнителна сигурност, ќе биде побарана банкарска гаранција, што ќе осигури дека концесионерот ќе ги исполни сите обврски.