Шеснаесетгодишното момче од Идризово, кое на 14 септември се здоби со тешки повреди во сообраќајна несреќа во село Марино, општина Илинден, им подлегна на повредите – потврди неговото семејство за Канал 5.

Несреќата се случила кога мопедот управуван од тинејџерот се судрил со возило „Хјундаи Тусон“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од 36-годишниот Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица. Во мопедот се возела и 13-годишна сопатничка од Илинден, која исто така била повредена.
Двете деца биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ со тешки телесни повреди, додека возачот и неговиот сопатник, 25-годишен маж од Вевчани, добиле полесни повреди и биле згрижени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
Полицијата извршила увид на местото на несреќата, а по наредба на јавен обвинител, околу 4 часот утрото возачот С.Ј. бил приведен. Против него се води постапка за „загрозување на безбедноста на сообраќајот“ и „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно Кривичниот законик.
Од партијата Левица соопштија дека Јанчев не бил под дејство на алкохол и не возел над дозволената брзина, наведувајќи дека мопедот директно се забил во вратата на неговото возило.