Министерот за здравство Арбен Таравари денеска информираше дека утрово, околу 11 часот, починал вториот пациент кој беше префрлен на лекување во Литванија, како последица од тешките повреди здобиени во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“.
Станува збор за 29-годишниот Александар Гавриловски, кој, според информациите од министерот, бил еден од најтешко повредените пациенти уште од самиот почеток.
„Пациентот Александар Гавриловски, кој беше пренесен на понатамошно лекување во Литванија, за жал, денеска почина. Тој имаше 29 години и беше хоспитализиран со тешки изгореници – 35 отсто од телото, сите од трет степен, вклучувајќи и изгореници на дишните патишта. Уште од првиот ден беше еден од четворицата пациенти класифицирани како критични“, изјави министерот Таравари.
Според него, состојбата на пациентот значително се влошила на 4 април, а веќе од вчера бил приклучен и на хемодијализа, како дел од напорите на лекарските тимови да ги стабилизираат неговите витални функции.
„Ова е втор случај на смртен исход кај пациентите кои беа сериозно повредени во трагичниот настан во дискотеката ‘Пулс’. Од вкупно 193 повредени лица кои беа згрижени и третирани, досега изгубивме двајца пациенти. Во моментов, уште двајца се во критична состојба, но нивната здравствена состојба е под контрола и се следи од блиску“, додаде министерот.
Александар Гавриловски повеќе од три недели се бореше за живот, прво во Градската општа болница, а потоа и во странство, но тешките повреди кои ги здоби во пожарот беа фатални.
Семејството, пријателите и јавноста се збогуваат со младиот човек, чија борба за живот, за жал, заврши трагично.
Трагедијата во дискотеката „Пулс“ ја потресе целата земја, а надлежните институции и натаму спроведуваат истрага за причините што доведоа до пожарот, со цел да се утврдат одговорностите и да се спречат слични катастрофи во иднина.