Почнаа работите на првата делница од проектот „Градски воз“, Зелениково – Драчево – Лисиче – Кисела Вода – Аеродром – Нова железничка, и треба да биде готова за шест месеци, односно на неа да почне да се сообраќа од почетокот на следното лето. Делови од брзата пруга што треба да почне да се гради, пак, би се користеле во 2028 година, информира денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Идејата на проектот „Градски воз” е постојаната железничка инфраструктура да се реконструира, да се реновира, да се крене на едно друго ниво и да се користи за градски сообраќај. Во Скопје има развиен систем скоро како детелина. Веќе на првата делница, која што оди Зелениково – Драчево – Лисиче – Кисела Вода – Аеродром – Нова железничка, почна да се работи овие денови. Следната година ќе ги работиме другите две лини, за да ја донесеме во инфраструктурна состојба, таа да може да се користи интензивно и често и после тоа да се воспостави еден редовен сообраќај. Првата линија ќе биде готова за шест месеци, што значи дека некаде следното лето на првата линија ќе функционира градскиот воз, рече Николоски, во денешното гостување во Радио Лидер.
Како што соопшти Министерството за транспорт, вицепремиерот Николоски информирал и дека се преговара со Европската банка за обнова и развој за набавка најпрвин на нови локомотиви, а потоа и на нови вагони.


