МВР и Обвинителството во акција – се обезбедува документација за опожарената дискотека, како и лицата поврзани со неа. Меѓу загинатите во дискотеката е и полицаец. Државниот обвинител Коцевски им вети на семејствата на починатите дека истрагата ќе биде целосна и брза, објави Радио Слободна Европа.
Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката во Кочани се искачи на најмалку 59 лица, а бројот на повредени кои се хоспитализирани низ болниците низ Северна Македонија е 155.
Ова се последните информации што во 12 часот ги соопшти министерот за внатрешени работи Панче Тошковски на прес-конференцијата одржана на 16 март.
Од починатите, досега се идентификувани 35 жртви. Од нив, 31 лице е од Кочани, а четворица се од Штип.
Кочани по трагедијата во дискотеката „Пулс“
Меѓу загинатите, како што кажа Тошковски, е и еден полицаец кој синоќа бил дел од акцијата за спроведување контрола низ дисктеки и угостителски објекти низ повеќе локации во Северна Македонија. Еден од објектите била токму и дискотеката каде се случи трагедијата.
Станувало збор за однапред планирала акција за контрола за недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во ноќните клубови. Загинатиот полицаец од Пробиштип, кој како што кажа Тошковски, требало да биде награден за најдобар полицаец на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип.
„За жал, ќе биде одликуван постхумно“, рече Тошковски.
Во рамки на истрагата, како што беше соопштено, распишана е централна потерница за четири лица.
„Не можам во оваа фаза да кажам кои се четири лица“, им рече министерот на новинарите.
Повредените гости во ноќниот клуб во Кочани се распоредени низ болниците во Штип и во Скопје. Сите здравствени установи се обезбедени од полициски службеници, а досега е извршен разговор со 10-тина од пациентите кои се меѓу оние што се контактибилни.
Трагедијата се случи за време на музучки настап на познатото македонско дуо ДНК. Еден од членовите, како што соопшти семејството, е со изгореници на телото и е на кислородна поддршка. Другиот член на бендот е во добра состојба и со него полицијата веќе извршила разговор.
Во рамки на акцијата, надлежните органи прегледуваат документи од Министерството за економија, кое е надлежно за издавање лиценци и документација за вакви угостителски објекти.
Министерот соопшти дека премиери и шефови на држави и од регионот и од Европа веќе разговарале со премиерот Христијан Мицкоски и понудиле помош. Меѓу нив е и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Меѓутоа, засега не се знае дали и каква помош ќе се бара од странство. Евентуално ќе се разгледува дали има потреба и можност некои од повредените да се транспортираат во странство на лекување. Но, и тоа како што рече Тошковски, засега не може да се потврди бидејќи треба да се утврди дали одреден пациент е во состојба да биде транспортиран.
Во критична состојба се 18 повредени во пожарот во Кочани, има и малолетници
На дел од прашањата поврзани со трагедијата во Кочани, министерот рече дека во овој момент не може да одговори за да не ја загрози истрагата.
Тој рече дека чувствува и морална одговорност.
„Чувствувам морална одговорност и мислам дека секој еден што бил и барем два дена на функција во државата, треба да ја чувствува“, рече Тошковски.
Обвинителството формираше тим и верува ефикасна истрага
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија формираше обвинителски тим кој ќе раководи со истражните дејствија поврзани со пожарот во Кочани. Тие веќе се на терен во градот на истокот.
„Во моментов не можам да кажам како настанал пожарот. Ние во моментов издаваме наредби во однос на одговорноста вертикална и хоризонтална за евентуалните лица кои можат да се инволвирани и да носат одговорност. Во МВР има одредени лица кои веќе даваат изјави, а денеска веќе ќе дадеме наредби и ние. Не можеме да кажеме колку лица се повикани на распит“, изјави Коцевски.
Тројца обвинители вршат увид на лице место, причините допрва ќе се утврдуваат рече Коцевски.
Првичните сознанија се такви дека е настанат пожарот од пиротехнички материјали потврди обвинителот и рече дека во моментов се издаваат наредби за вештачења и собирање докази во однос на тоа како е изграден објектот, дали имало дозвола, дали ги изполнува условите се работи на тоа. За сега се уште се утврдува и бројот на присутсни во моментот на настанот.
Тој им вети на семејствата дека истрагата ќе биде целосна и брза, а ќе се ангажираат и вештаци од сите области.
Родители чии деца се хоспитализирани во Штипската болница по пожарот во дискотеката во Кочани се пуштаат во болницата за да си ги видат децата.
Пред болницата има полиција и волонтери од Црвен крст кои им пружаат помош на семејствата.
Сите лекари и медицински пероснал се мобилизирани во Штипската клиничка болница уште во раните утрински часови.
Како што претходно информираше директорот на Клиничката болница Штип, Влатко Захариев хоспитализирани се 38 пациенти и сите се стабилни со изгореници по лицето и рацете од втор степен. Пациентите со трет степен изгореници се препратени на клиниките во Скопје за натамошен третман.
Од кочанската болница велат дека главно повредените кај нив се со изгореници на лицето и екстремитетите.
„Починати се многу, но додека не заврши идентификација не можеме да ви дадеме точна бројка, донесувани беа починати или во моментот кога доаѓаа починуваа. Тешко е да се идентификуваат, дел имаа лични карти, а дел немаа, тие што имаа долкументи се идентификувани. Сега очекуваме роднини да ги препознаат останатите, но тоа е веќе надлежност на Јавното обвинителство. Меѓу починатите имаше на возраст од 14 до 25 години а меѓу нив има од Штип, Кочани, Пробиштип и Скопје“, Кристина Серафимова, директор на болницата во Кочани.
И малолетници се меѓу оние кои се во критична состојба, потврди министерот за здравство, Арбен Таравари.
„Хоспитализирани во ГОБ 8 ми Септември се 17 лица, во Штип во клиничката болница се 39, а во Кочани 30. Околу 18 пациенти се во критична состојба и тие се во скопските болници“, рече тој.
Владата ќе прогласи седумдневна жалост
По повод трагичната несреќа во Кочани во која, според официјалните информации досега животот го загубија 59 лица, а 155 се повредени, Владата ќе прогласи седумдневна жалост.
Одлуката ќе биде донесена на денешната владина сендица што ќе се одржи во 16 часот.
„Владата на денешната седница која ќе се оддржи во 16:00 часот ќе донесе одлука за 7-дневна жалост поради трагедијата во Кочани. Ќе се донесе и заклучок за итна и вонредна инспекција на сите ноќни клубови, дискотеки и ресторани приредувачи на забави“, се вели во информацијата од Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства.
„Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија. Во текот на денот, по согледување на околностите од надлежните институции ќе и’ се обратам на јавноста со повеќе информации за преземените чекори. Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
И Владата на Република Србија на утрешната седница, на предлог на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, ќе го прогласи вторник 18 март 2025 година за Ден на жалост во Република Србија поради трагедијата во Република Северна Македонија, соопшти српската влада.
Претходно претседателот на Србија, Александар Вучиќ изрази длабоко сочувство за трагедијата и изрази подготвеност од страна на неговата држава да помогне.
„Со голема тага ја примив веста за страшната трагедија што ја снајде Северна Македонија. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, како и солидарност со народот на Северна Македонија во овие тешки моменти. Нашите мисли се со сите оние кои ги загубија своите најблиски и со оние кои се борат за своите животи. Србија е секогаш подготвена да ја пружи секаква неопходна помош, во согласност со своите можности, покрај своите пријатели“, напиша Вучиќ на социјалните мрежи.
Пораки за сочувство од премиери, претседатели, амбасадори
Пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој според досегашните информации загинаа 59 лица, 1 55 се повредени е вест во многу регионални, европски медиуми и новински агенции.
Пораки за изразување на „сочувство и тага за трагедијата“ испратија голем број на европски лидери, политичари, амбасади и амбасадори.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, упати сочувство до семејствата и најблиските на загинатите во пожарот во дискотека во Кочани.
„Срцето ми се кине утрово за многуте жртви во синоќешниот пожар во ноќен клуб во Кочани. Нашето најдлабоко сочувство го упатуваме до жртвите и нивните најблиски во ова ужасно време, а им посакуваме брзо закрепнување на повредените. Загубата на толку многу млади животи во една заедница е страшна трагедија“, наведува Агелер во објавата на фејсбук профилот на Амбасадата на САД во земјава.
Сочувство до семејствата на загинатите стигна и од украинскиот претседател Володомир Зеленски.
„Трагична вест за смртоносен пожар во Кочани. Мое сочувство до фамилиите и блиските на жртвите, до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и до македонскиот народ. Им посакувам брзо закрепнување на повредените. Украина жали заедно со македонските пријатели на овој тажен ден“, напиша Зеленски.
Освен Зеленски, пораки за сочувство испратија и претседателот и премиерот на Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, премиерот на Косово, Албин Курти и многу други политичари и амбасади.