Учениците од основното и средното образование од утре се враќаат во училишните клупи. Распустот траеше речиси три недели, а наставата во второто полугодие од учебната 2024/2025 година ќе заврши на 10 јуни за сите ученици, освен за средношколците во завршна година (матурантите) кои, според календарот за организација на учебната година во јавните средни училишта, ќе учат до 16 мај 2025.
Учебната година нема да биде продолжена како минатата година бидејќи ќе нема пролетен распуст кој беше воведен лани.
За оваа одлука Министерството за образование и наука во оваа учебна година анкетираше наставници, родители и ученици од повисоките одделенија и, како што информираше, мнозинството се изјасниле дека не сакаат пролетен распуст.