Поддршка и солидарност со „Слободен печат“ во нивната одбрана и борба против злонамерните ботови

Слободен печат – лого/Фото: Методи Здравев

Редакцијата на Рацин.мк ја изразува целосната поддршка и застанува во солидарност со колегите од Слободен печат кои овие денови се соочија со масовен напад на нивините официјални страници на социјалните мрежи, односно на нивните Инстаграм профили.

Како што информираат колегите официјалните профили на „Слободен печат“ (СП) на „Инстаграм“ беа цел на координиран ботски напад.

Во рок од неколку секунди на 6 ноември под една објава беа испратени над 100 идентични коментари со зборот „лајк“ (like) од сомнителни профили, најмногу од странство. Истата појава продолжи и под следните објави, со стотици коментари од профили кои немаа никаква врска со публиката на СП.

Како резултат на тоа, платформата „Мета“ автоматски активираше т.н. „шедоу бен“ (shadow ban) — ограничување на видливоста на нашите објави. Со тоа овој напад имал јасна цел — да се намали видливоста на „Слободен печат“ и да се поткопа довербата во медиумот.

И покрај целата хаварија, објавите со кои СП транспарентно ја сподели вистината пред јавноста, предизвикаа рекордна поддршка од читателите.

За 12 часа над 8.000 луѓе ја сфатија состојбата во која се најде СП и масовно делуваа на конкретната објава со интеракција со што органскиот досег, преку сторињата и објавата, остана исклучително висок, и покрај ограничувањата од алгоритмот.

Ботовите можеби привремено го забавија алгоритмот, велат од СП, но вистинската публика го засили гласот на „Слободен печат“ бидејќи нападот, кој требаше да го ослаби медиумот, всушност ја потврди неговата сила. Тоа што требаше да биде напад се претвори во доказ дека зад „Слободен печат“ стои заедница што верува во вистината, слободата и во независното новинарство.

„За првпат откако постоиме се соочуваме со ваков низок удар, но токму во тие моменти ја почувствувавме можеби најголемата поддршка досега. Цела ноќ пристигнуваа нотификации, пораки и коментари со зборови на охрабрување – и сè уште пристигнуваат„, велат од СП.

Редакцијата на „Слободен печат“ им благодари на сите што споделија, коментираа и испратија пораки. Ги имаме најдобрите читатели, луѓе коишто вистински се грижат за постоењето на „Слободен печат“, порачаа од СП.

Зачлени се на нашиот е-билтен