Покажете човечност и грижа, СДСМ ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Законот за Кочани

„Предлог-законот за поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани што го поднесовме е чин на солидарност, човечност и грижа. Законот содржи вистински решенија за помош и поддршка, не за политички поени“, истакна денеска на прес конференција Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ. 

Таа нагласи сека СДСМ има искрена намера да им се помогне на оние кои останаа без најблиските, на оние кои се повредени, на оние кои денес се борат и со физичка и со душевна болка.

„Секој збор е мал кога се соочуваме со загуба каква што ја доживеа Кочани, роднините и семејствата на настраданите.  Секој обид за утеха е тивок пред тагата на семејствата што изгубија сѐ. Но, како луѓе, како општество, имаме обврска – да покажеме дека сме тука за нив кога им е најтешко“, рече Костова.

Потпретседателката на СДСМ посочи што предвидува законот:

-директна финансиска поддршка за семејствата на настраданите,

-помош за повредените, вклучително и оние со долгорочни последици,

-поволности за децата кои поради лекување се отсутни од настава,

– мерки за здравствена, социјална и заштита во делот на работните односи.

Костова укажа дека „овој закон ги опфаќа и семејствата од претходни тешки трагедии – Тетово, Ласкарци, Беса Транс, а со цел институционално да се постави фер, човечки однос на грижа за жртвите и нивните семејства“.

„Нема закон што ќе ја избрише тагата. Но, со израз на солидарноста и грижата мора да покажеме дека државата не ги игнорира, туку знае да застане зад своите граѓани кога им е најтешко. Дека институциите знаат да бидат со своите граѓани – не со зборови, туку со дела“, рече Костова

Костова додаде дека „за трагедијата во Кочани мора да има правда, одговорност, но и институционална, државна поддршка на сите на коишто им е потребна и неопходна“.

Во СДСМ, истакна таа, веруваме дека кога станува збор за солидарноста и за човечката грижа, не смее да има партиски разлики, ниту политички поделби.

Костова ги повикува пратениците од владејачката партија: да го преиспитаат својот став, да се издигнат над политиката и да дадат поддршка за ова законско решение.  

„Да ја потврдиме најважната вредност – дека сме луѓе и дека можеме заедно да направиме нешто кога е најтешко. Подготвени сме да прифатиме и предлози за модификација на законското решение од владејачкото мнозинство. Нека биде и заеднички предлог. Да покажеме дека знаеме да бидеме на иста страна на солидарноста“, нагласи потпретседателката на СДСМ. „Повикуваме на разум, на човечност и на единство – за Кочани, за родителите на семејствата на настраданите, за секоја мајка, за секој родител, за секој човечки живот“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен