Проектот „Безбеден град“ (Safe City) предвидува воведување на возила опремени со камери кои ќе ги мапираат неправилно паркираните возила на сообраќајни ленти, велосипедски патеки, тротоари и зелени површини. Овие возила ќе бидат дополнување на постојните фиксни камери на крстосниците, со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот и спречување на нелегално паркирање.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, потврди дека системот ќе започне да функционира од 1. јануари 2026 година, иако тој минатата година најави дека овој проект ќе старува многу порано, а како датум се спомнуваше 1 јануари оваа година. Пораки за прекршоци ќе бидат испраќани на возачите и пред тоа. Тошковски истакна дека целта на системот е превенција на сообраќајни несреќи и жртви, како и подготовка за идните проекти за проширување на крстосници и изградба на кружни токови, што ќе помогнат за побезбедни улици.
„Нашите решенија не се насочени само кон заштита на пешаците, туку и на велосипедистите. Потребно е да изградиме повеќе велосипедски патеки, особено во општини каде што воопшто ги нема“, рече Тошковски, додека најави дека ќе се продолжи со изградба на нови патеки низ Скопје.
Програмираниот систем ќе ги следи и возилата кои опструираат сообраќај, како паркирани на ленти за велосипедисти, па ќе бидат санкционирани со пораки за прекршок. Ова е дел од напорите за подигнување на свеста за одговорност во сообраќајот.
Денеска се одржува јавна трибина за измените на Законот за безбедност на сообраќајот и Законот за прекршоци, поддржани од УНДП. Министерството за правда посочи дека е формирана работна група која подготвува измени и дополнувања на законите за да обезбеди имплементација на проектот „Безбеден град“.
Во овие измени предвидено е воведување скратени постапки за прекршоците утврдени со помош на електронски системи и засилени казни за рецидивистите, вклучувајќи забрана за управување со возило по третиот прекршок. Прекршочните налози ќе се доставуваат брзо преку СМС и е-пошта, а осигурувањето на судска заштита ќе биде гарант за ефикасност и правична постапка.