Полагањето на државната матура почнува денеска со првиот екстерен испит

Над 15 000 ученици во завршна година од средното образование денеска ќе го полагаат првиот од двата екстерни испита од годинашната државна матура – мајчин јазик и литература кој е задолжителен за сите матуранти.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), пријавени се 15 004 кандидати. Од нив, 8816 ученици се од средните стручни училишта, 5966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.

За денешниот прв екстерен испит се пријавени 9969 ученици за македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.

Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни. Како и во минатите години, и на оваа државна матура најголем број избрале да полагаат англиски јазик (13 457).

За тестот по математика се пријавиле 1246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 – француски јазик, 62 – естетика. За тестот по филозофија има седум кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик.

За надгледување на испитниот процес, ДИЦ и оваа година ќе ангажира околу 2000 тестатори.

Испитите ќе се полагаат во училиштата доколку исполнуваат услови согласно Правилникот за организирање државна матура, а за учениците од училишта кои немаат такви услови, обезбеден им е простор во амфитеатрите на факултетите. ДИЦ на веб-страницата ги објави локациите за полагање на државната матура во јунскиот испитен рок.

Во пресрет на полагањето на екстерните испити и во рамки на подготовките за завршниот испит – ДИЦ во изминатиот период објави тестови од минатите години заедно со точни одговори што им помага на матурантите како подготвителен материјал. Покрај екстерните испити, дел од државната матура се и два интерни испита и проектна задача.

Матурантите кои во јуни нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе можат да полагаат во августовската сесија – на 12 август е испитот по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, а на 14 август е полагањето на изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика).

Минатата 2023/2024 година, средна оценка од државната матура беше 3,25, во 2023 беше 3,65, во 2022 просечната оценка од испитите по сите предмети беше 3,78 и 3,61 во 2021.

Државната матура во нашиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Единствен пат не беше организирана на крајот од учебната 2019/2020 година поради Ковид-пандемијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен