Опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ не нуди валиден социо-економски модел на опстојување на државата во состојба на евроинтеграциско лимбо. Нуди само сопствена надеж и сепак туѓа визија за поинаква ЕУ, трансформирана во сојуз на суверени (едно) национални држави по моделот на Орбан, Качински, Салвини и Ле Пен, ЕУ која сигурно би му се допаднала на Путин, и наводно кога тоа ќе го дочекаме, тогаш ќе можеме да ги репреговараме условите за зачленување.
Тони ПОПОВСКИ
Повод за колумнава е анкетното истражување на Преспа Институт чии резултати беа објавени минатата седмица. Да се фокусираме само на наодот дека 61 отсто од испитаниците сметаат дека зачленувањето во Европската Унија е најдобра опција за државата, наспроти 34 отсто кои сметаат дека треба да бараме друга алтернатива. Наодот е охрабрувачки во смисла дека значајно мултиетничко мнозинство од испитаниците преферираат останување на европскиот пат и со тоа на истиот му даваат политички легитимитет, но од друга страна загрижува резервата на испитаниците кои се претежно Македонци и кои сметаат дека треба да се бара друга алтернатива. Овој наод спореден со претходни анкети покажува тренд на опаѓање на поддршката на Македонците за европскиот пат и постоење на сериозна и длабока поларизација по однос на стратешкиот развоен и политички правец на државата. Нема да погрешиме ако оваа поларизација првенствено ја атрибуираме на неостварените очекувања од ЕУ за овозможување фер и непречен пристапен процес заснован на заслуги, а особено по склучувањето на Охридскиот рамковен договор и Договорот од Преспа, проследени и со склучен Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија. Се работи за претходно испоставени, а потоа исполнети политички предуслови. Сепак, склучувањето на овие три договори овозможи зачленување во НАТО и фактички почеток на преговорите со ЕУ, чија почетна фаза по автоматизам би се финализирала веднаш по усвојување на уставните измени и вклучувањето на делот од бугарскиот народ заедно со делови од други народи во Уставот.
Меѓуостанатото, овие „отстапки“ придонесоа полесно да поминеме низ повеќекратната криза предизвикана од пандемијата и да минуваме низ последиците од војната во Украина, односно со помош на ЕУ, САД и други наши партнери од западните либерални демократии мерливо да ги намалиме социо-економските последици, особено наспроти почетните црни сценарија. Наредната „отстапка“ не само што ќе не фундира на масата за преговори каде еднаш седнавме и ќе продолжиме да седиме со ЕУ 27, туку ќе создаде и дополнителни можности за конечен и заеднички излез од кризата која го зафати континентот, а со нивна поддршка ќе започнеме силен развоен циклус.
Очигледно е дека во овој момент, значаен дел од Македонците иако не им е сеедно, сепак ги уважуваат придобивките од направените отстапки, но друг значаен дел манифестира недостаток на дигестивен капацитет за нови отстапки, проследено со отворен револт. Овие реакции и определби би можеле да се оценат како природни и очекувани имајќи го предвид редоследот на настани, но само доколку во обликувањето на перцепциите и поврзаните емоции не учествуваат домашните политички партии и трети недобронамерни страни, а тие не само што учествуваат туку и активно манипулираат со емоциите на македонските избирачи.
Во дебатата за потенцијалните уставни измени, очигледно е дека опозицијата преку нагласено остар, провокативен и конфронтирачки тон и наративи со застрашување од бугаризација, а во последно време и албанизација, и обвинувања за наводно национално предавство, па дури и сѐ позачестени отворени повици на наклонети аналитичари и новинари за народни револуции и улични пресметки со неистомисленици, се обидува политички да капитализира од подлабокото разочарување во ЕУ кај дел од избирачите Македонци. Притоа делот од опозицијата кој е предводен од ВМРО ДПМНЕ барем декларативно не нуди алтернативен пат на европскиот, но суштински бара поддршка од избирачите за доаѓање на власт и прогласување тајм-аут во процесот. Безмалку идентични барања за тајм-аут доаѓаат и од поединци и помали партии кои до вчера беа влијателен дел од власта, како и дел од новинарите, институтско – академската и НВО сцената, која во минатото милуваше да се претставува како проевропска и уживаше поврзана поддршка и привилегии од ЕУ, но сега е пркосно и тврдокорно застанатата на скептична позиција кон оваа и ваква, за нив „неочекувано“ разочарувачка ЕУ. За разлика од првиве кои веднаш би прогласиле тајм-аут и би не вратиле назад во чекалница, односно во лимбо, Левица сепак ја одликува повисок степен на политичка чесност бидејќи отворено се залага за напуштање и на чекалницата, односно за замена на геополитичката Евро-визија со геополитичка Евроазија предводена од Руската Федерација, како и замена на политичкиот систем на либерална демократија со авторитарен систем, со можни варијации во тој спектар, од моделите на Енвер Хоџа и Кастро, кинески, а зошто да не и северно-корејски тип на комунизам па се до олигархиско примордијалниот капитализам на Путин.
Во продолжение, да илуминираме барем две константи во политичката понуда на опозицијата и нејзините евроскептични сателити.
Прва константа е дека опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ не нуди валиден социо-економски модел на опстојување на државата во состојба на евроинтеграциско лимбо. Нуди само сопствена надеж и сепак туѓа визија за поинаква ЕУ, трансформирана во сојуз на суверени (едно) национални држави по моделот на Орбан, Качински, Салвини и Ле Пен, ЕУ која сигурно би му се допаднала на Путин, и наводно кога тоа ќе го дочекаме, тогаш ќе можеме да ги репреговараме условите за зачленување. Додека чекаме ќе се занимаваме со домашниот Буџет. Ќе го надградуваме и доградуваме. Ако се јави потреба од дополнителни средства тогаш ќе ги мобилизираме од каде можеме, па макар тоа била Евроазија, или ќе ја претвориме земјата во офшор зона, или економски ќе ја Орбанизираме, Салвинизираме или Субратизираме. Левица од своја страна, сепак нуди појасен и поизвесен социо-економски модел на економска зависност од Евроазиските првенци со централно и политички контролиран проток на луѓе, добра и капитал, каде клучен двигател на трговската размена е нејзиното височество провизијата, во комбинација со кинеско фискално ропство, систем каде понизно не се очекува грант туку се дава грант во политичка лојалност, сето ова наспроти моделот на постепено интегрирање во заедничкиот пазар на ЕУ, слободен проток на луѓе, добра и капитал, и економија која генерира солидарни средства за рамномерен развој на своите држави и нивните региони. За разлика од поголемиве во опозицијата, сателитите и евроскептичните не се занимаваат со прозаичното егзистенцијално секојдневие. Тие се на повисока почва и решиле да се занимаваат со златниот стандард на преговори, и со визијата за денационализирана и деполитизирана ЕУ во која владеат тинк-тенкови.
Кога веќе ги спомнавме тинк-тенковите да ги спомнеме и тенковите. Втора константа на политичката понуда на опозицијата и на екс евровизионерите е целосно игнорирање на безбедносните ризици по внатрешната стабилност, суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката. Нема да слушнете или прочитате одговор на прашањето, што ќе се случува на внатрешно политички план кај нас, на кус или среден рок, доколку кон ЕУ покрупно исчекори Албанија а ние застанеме, односно се вратиме еден или повеќе чекори назад? На каков тип на безбедносни закани сме изложени во моментов и дали тие закани и ризици ќе се зголемат или ќе се намалат? Легитимни прашања кои заслужуваат одговор, кој барем јас не очекувам да го добиеме, а неодговорно е да не го добиме особено од оние кои покрај амбиција имаат реална шанса да владеат со нас.