Полиција легитимирала лице што „пеело како поп“ на гробиштата во Ѓорче Петров за Задушница

Во саботата, на православниот празник Задушница, на гробиштата во скопската општина Ѓорче Петров, полицијата легитимирала лице кое изведувало верски обреди без дозвола.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека по претходна пријава, полициски службеници од ОКР Ѓорче Петров постапиле и го легитимирале лицето Б. П., за кое постои сомневање дека неовластено извршувало верски активности.

„На 1 ноември 2025 година, на гробиштата во Ѓорче Петров, постапувајќи по пријава, полициски службеници го легитимираа Б. П., кој извршувал верски активности“, соопштија од МВР, додавајќи дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Настанот предизвика голем број реакции на социјалните мрежи, каде граѓани коментираа дека за време на обележувањето на Задушница присуствувале на гробиштата и виделе како полицијата привела маж „кој пеел и се претставувал како свештеник“.

Засега не е познато дали против лицето ќе биде поднесена пријава, ниту дали било утврдено дали навистина станува збор за лажен поп.

Зачлени се на нашиот е-билтен