Според извештаите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), најголем број претставки во 2023 година биле од областа на јавното информирање и медиумите, додека годинава тој вид на претставки се втори по бројност. На панел-дискусијата на ИМА за дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација што се одржа на 18 декември 2024 во Скопје, претседателот на КСЗД, Лимко Бејзароски укажа на конкретни примери на вознемирување и дискриминација во медиумите и објасни како постапувала Комисијата по овие претставки.
Едниот пример е кога Комисијата донесе одлука за поведување постапка по службена должност против експониран политичар за изјави на дебатна емисија за негирање на постоење на турската етничка заедница во земјава.
„Во цитираната емисија гостинот дава изјави во кои има индиции за сторено вознемирување по основ на етничка припадност врз граѓаните на Република Северна Македонија од турската етничка заедница…Комисијата даде насоки за отстранување на дејствието поради непочитување на препораките за што ги информира Советот за етика и медиуми, телевизиската куќа и соодветен судски орган“, посочи Бејзароски.
Втората претставка е кога пратеник повикувал на поттикнување и давал инструкции за дискриминација врз трансродови лица на Фејсбук.
„Комисијата препорача дискриминаторот да ја отстрани објавата, а во иднина да се воздржи од активности со кои се повикува и поттикнува дискриминација, или со кои се инструира извршување на дискриминација по било кој основ…Посочениот ја отстрани објавата од социјалната мрежа Фејсбук“, нагласи Бејзароски
Третиот пример е кога свештено лице во јавен настап извршило вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет кон ЛГБТ заедницата.
„Комисијата препорача дискриминаторот во иднина да се воздржи од јавни настапи што содржат вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, и која било дискриминаторска основа во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација, и да се извини јавно. Бидејќи утврдениот дискриминатор одби да постапи по препораките, Комисијата му поднесе прекршочна постапка до соодветен надлежен судски орган“, објасни Бејзароски.
Потенцирајќи дека Комисијата има меморандум за соработка со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги за разменување информации за случаи на вознемирување и дискриминација во јавното информирање, и дека членува заедно со новинарите и медиумите во Мрежата за заштита од дискриминација, Бејзароски заклучи дека е потребна поинтензивна соработка во борбата против дискриминацијата.
„Соработката во областа со новинарството од ден на ден се интензивира, и се надеваме на успешна соработка во иднина, нашата Комисија и новинарството, односно медиумите, каде што ќе ги решаваме заедно проблемите од областа на вознемирувањето и дискриминаторското постапување“, заклучи Бејзароски.
Покрај, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Бејзароски, учесници на оваа панел-дискусија беа Билјана Георгиевска, директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Сара Миленковска од коалицијата Маргини, кои ги претставија клучните наоди од нивните анализи за оваа тема.
Преземено од ИМА