Политика и профит: Фирми на градоначалници и министри во врвот на јавните набавки и концесиите


Фирми во сопственост на актуелни градоначалници и поранешни министри редовно добиваат договори за јавни набавки, лиценци и концесии од државни институции, открива новото истражување на Центарот за граѓански комуникации. Иако законските прописи бараат носителите на јавни функции да пријават сопственички интереси преку изјави за интереси, реалната слика покажува дека оваа обврска често се игнорира.

Особено алармантно е што дел од овие политички експонирани лица не ги пријавиле фирмите кои се заведени во Регистарот на вистински сопственици. Истражувањето открива дека некои од овие фирми значително ја зголемиле својата вредност откако нивниот сопственик станал функционер.

На пример, една фирма во 100% сопственост на градоначалник во периодот пред неговиот мандат (2013–2017) имала договори вредни 25 милиони денари, додека по стапувањето на функција (2018–2022) таа вредност се искачила на околу 90 милиони денари – два и пол пати повеќе. Друга негова фирма, во која има 75% удел, за истиот период бележи раст од 77%.

Не недостигаат ниту примери каде функционери директно склучувале договори со институциите што ги водат. Еден претседавач со совет на општина потпишал два договори за геодетски услуги со општината во вредност од скоро 10.000 евра, при што лично се јавувал како управител на фирмата што ги добила договорите.

Истражувањето укажува и на случаи на поранешни министри кои преку свои или поврзани фирми добивале концесии и договори со вкупна вредност од милиони евра. Има и случаи каде министри основале фирми додека се сѐ уште на функција – уште една слаба точка во системот за спречување на судир на интереси.

Сево ова отвора сериозни прашања за транспарентноста и етичноста на јавната функција. Додека не се воспостави ефикасен механизам за следење на имотната состојба и бизнис активностите на функционерите – и пред, и по извршувањето на функцијата – довербата во институциите останува под сериозен ризик.

Јавноста има право да знае кој профитира од парите на граѓаните. Затоа е клучно јавното објавување на вистинските сопственици и целосна транспарентност на процесите со јавни пари.

Зачлени се на нашиот е-билтен