На иницијатива на Отворено општество – Западен Балкан, беше спроведено истражување кое опфати над 6.000 припадници на генерацијата Z (на возраст од 16 до 28 години) кои живеат во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, за да се „измерат“ политичките ставови, грижите и надежите на една генерација во подем.
Раководителка на ова истражување беше Љура Положани. Истражувањето покажа дека женските претставници на генерацијата Z, се попрогресивни од машките, кои, пак, се конзервативни и повеќето од нив гласаат за десни или крајно десни политики.
Положани вели дека генерацијата Z е контрадикторна генерација.
Контрадикторно е, но за џен зи генерацијата традиционалните вредности и семејството се важни и кризата на вредности ги турна кон национализам кој тие го нарекуваат патриотизам.
За нив политичките елити се корумпирани и не им е гајле за младите, кои сакаат во ЕУ, но многу повеќе сакаат реформи дома.
Сепак, џен-зи се сметаат за среќна генерација, иако се полни со фрустрации и со критики за актуелните политики.
Со Љура Положани разговараше Зоран Бојаровски
Зошто беше битно да се спроведе едно вакво истражување? Што очекувавте? Зошто токму генерацијата Z? Кои беа очекувањата и дали се совпаѓаат со резултатите од истражувањето?
Има неколку причини зошто почнавме со ова истражување. Едно е тоа што вие го спомнавте, дека ова е нова генерација, млада генерација. Тие ќе бидат новите или се гласачите, можеби мислат на друг начин, можеби не.
Тоа сакавме да видиме, но исто, исто така сакавме да видиме дали можеме да ја ставиме генерацијата Z што живее во Западен Балкан во глобалните трендови за таа генерацијата. Многу луѓе, сигурна сум, читале некоја колумна негде или текстови во The Guardian, Financial Times, каде што, џсџе вели генерацијата вака, генерацијата така. Дека има некои разлики во однос на другите генерации.
Сакавме да видиме што се случува на Западен Балкан. Дали е оваа генерација поразлична и дали можеме како снапшот, како една слика да фатиме од таа генерација, особено во темите на политичките и социјалните преокупации на генерацијата.
Дали сè уште гласаат како поранешните генерации, што им е драго на нив… Така што сакавме да видиме дали има разлика, која е таа разлика и каква е оваа генерација.
Интересна точка која мислам дека е особено важна во контекстот на Балканот да се проучи оваа генерација е дека оваа генерација се или родени или биле бебиња во текот на распадот на Југославија.
Така што ова е првата генерација што е порасната во новите земји на Западен Балкан, не знаеле за друга земја. И затоа сакавме да видиме и дали има некоја разлика во таа смисла. Со какви институции пораснаа овие млади. Не во лоша смисла, туку во смисла да го мериме пулсот.
Мнозинството од машките од „џен зет“ се конзервативни и гласаат за десни или крајно десни политики.

Тоа е генерацијата отприлика родена во 1996, 1997, 1998, и тоа е практично генерација, која освен што започна да расте и да зрее надвор од она што беше порано Југославија, е и генерација која расте во еден апсолутно дигитален свет. Нешто што многу ја разликува од генерациите претходно.
Но, интересни е тоа дека истражувавте дали генерацијата зет од земјите од Западен Балкан, со сите карактеристики, е слична или различна со нивните врсници во светот. Ајде тоа да ни го протолкувате. Што ви кажаа резултатите?
Видовме дека нема толку многу разлика. Во некои теми има работи што се многу слични. На пример, поддршката за демократија е исто таква како во Европа. Во нашиот регион дури и уште поголема од Европа. Тоа е нешто убаво.
Oд друга страна, имаат надеж, оптимистични се. Но, некои разлики што можеме да ги видиме се од аспектот на политички верувања. На пример во студиите во глобално ниво, едно интересно нешто е дека мажите се многу поконзервативни, и тоа повеќе од нивните родители.
Жените се многу попрогресивни и тие гласаат за левичарски или зелени партии, а мажите гласаат за десничарски или крајно десни партии.
Сакавме да видиме дали и кај нас ја има таа разлика во смисла на родовите, дали веруваат различно. На Балканот нема толку многу разлики на база на род, што беше многу интересно. Жените се малку потолерантни, но не значи дека има некоја голема процентуална разлика, повеќе од три проценти нема.
И тоа беше чудно, зашто очекувавме, можеби, да бидат слични зашто сите се на интернет, но не ја видовме таа разлика на Балканот. Всушност, гледаме еден, баланс. Не се толку екстремни разликите во политичките уверувања.
Интересно ми е ова што го кажавте дека жените се попрогресивни и свртени кон левите политики, но дека кај нас нема таква разлика.
Да, кај нас не. Значи кај нас родот не е индикатор што дава разлика во овој случај, и тоа е баш интересно.
Таа констатација се однесува на сите земји што беа обфатени во истражувањето, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија?
Да. Тоа е случај во сите, но секако и во Балканот видовме дека има поконзервативни верувања, во политичка смисла. Но, има и баланс дека има една преференца за цврсти влади, за силни институции, а од друга страна има и преференци за демократија.
Ги прашувавме што би правеле доколку некоја влада зема повеќе моќ од тоа што е предвидено и 40 проценти на Балканот рекоа дека би протестирале.
Во Косово тој процент е највисок, во Црна Гора најнизок. Во Црна Гора најголем процент, 33%, рекоа дека не би им било гајле. И тоа беше исто така нешто интересно што не го очекувавме.
Генерацијата Z е контрадикторна генерација.

Има и друди многу интересни резултати и затоа ве поканив да го направиме ова интервју. На некои места, според мене, се и контрадикторни, ама се интересни за анализа.
На пример, на прашањето дали својата иднина ја гледаат во сопствената земја, интересни се податоците. Во Црна Гора и Албанија процентот на оние кои би останале во нивните земји е негде околу седумдесет или малку над седумдесет проценти од испитаниците, а во Косово, интересно, таму е најголем процентот на оваа генерација З. Младите луѓе, оние од дваесет пет-шест години, дури до 74% велат дека иднината ја гледаат во Косово.
За разлика, во однос на Македонија и Босна и Херцеговина, може да се каже дека е половина од испитаниците ја гледаат иднината во својата земја, но другата половина или би заминале или не знаат што би одлучиле во таа смисла.
Во Србија некаде околу 66% не сакаат да заминат. Зошто е оваа разлика, ајде да објасниме.
Јас толкував, на пример дека тоа е заради тоа што Албанија и Црна Гора се поблиску Европската Унија, па претпоставувам дека заради тоа младите би сакале да останат и гледаат иднина во својата земја. Но, ме побива процентот на Косово која не е уште ни кандидат, а сепак е исклучок од ова правило. Како вие го толкувате тоа?
Mногу податоци се контрадикторни. Генерацијата Z е контрадикторна генерација. Но, ова беше многу интересно всушност, зашто цело време, слушавме дека младите сакаат да заминат, ама ние од испитаниците видовме дека не би сакале да заминат и ова беше неочекувано.
Во некои земји не би сакале…
Во некои земји, ама секаде над педесет проценти се оние што би сакале да останат. Така што ова е позитивно. Мислам дека ова е поврзано со Европската Унија, во смисла дека иако Косово, на пример, нема ни кандидатски статус, младите мислат дека во следните десет години ќе бидат дел Европската Унија.
Мислам дека е поврзано со тоа дека оние ја гледаат нивната иднина во Косово или во Албанија, затоа што исто така ги гледаат и Косово и Албанија како дел од Европската Унија.
Сепак е некоја генерација, како што има и заклучок во истражувањето, дека има надеж, надежна генерација.
Да. Во Македонија, на пример, нема толку надеж. Бројките, на пример, за тоа кога мислите дека ќе бидеме дел од Европската Унија, се многу пониски. Исто така и во Босна, исто така во Србија.
Интересно е дека во Албанија и во Црна Гора, што не зачуди, на прашањето колку мислите дека е важно да бидете дел од Европската Унија, бројките се многу ниски.
Триесет и нешто процент, значи под педесет. И затоа тука ги имавме и фокус групите со дискусиите за да ни бидат појасни контрадикторностите.
За Z генерацијата политичките елити се корумпирани и не им е гајле за младите.

Да, таму се интересни кажувањата.
Да и таму можевме да видиме што се случува зошто има контрадикции.
Процесот на придружување е толку долг што дури и младите што не го доживеале овој пат имаат замореност. Велат не можеме веќе и тој наратив преовладува и кај оваа млада генерација. Но има надеж. Надежта дека животот ќе се подобри е еден од поглавните индикатори зошто сакаат да останат во своите земји и, секако, затоа ова прашање се поврзува со Европската Унија, затоа што се мисли дека подобро ќе биде ЕУ.
Исто така, кога ги прашувавме за Европската Унија, како друг интересен факт во фокус групите, беше што сите викаа, сакаме, ама по домашни реформи.
Значи, младите сакаат да имаат домашни реформи. Не е дека мислат дека денеска треба веднаш да влеземе во Европската Унија…
Па тоа е мислам дури и логично. Ако велат дека сакаат да останат во своjта земја, тоа значи дека сакаат да живеат во средина која е средена, уредена, во која има, реформите завршиле, има владеење на правото, има доверба во институциите и така натаму, и тоа има некаква логика.
И кога зборуваме сега за демократијата и политиката, пак до едно контрадикторно прашање, и вие веќе го спомнавте, но еве да го образложиме. Веруваат во демократијата, сакаат да биде така во нивните земји, стандарди и така натаму, тие вредности, но не веруваат во политика.
И сега некој може да рече, па океј, можеби и нема некоја контрадикторност во тоа, но од политиките произлегува, од оние што ги спроведуваат политиките, да бидам попрецизен, зависи од тоа колку ќе биде степенот на демократијата висок или не.
Вие што мислите, има ли тука контрадикторност?
Апсолутно. Уште еден индикатор што беше многу зачудувачки. 71,1%т велат дека не се заинтересирани за политика или многу малце заинтересирани.
И ова, како што велите вие, „сакаме демократија, ама не сме заинтересирани“, како да не се совпаѓаат како идеи. Но, од друга страна, голем процент од нив би гласале на следните избори.
Тука мислам дека има неколку нивоа. Едно е дека кога ги правевме фокус групите, дискусиите, видовме дека не се толку незаинтересирани, зашто знаат кој е премиер, знаат кои се политичарите, следат, но многу се дизиоилузирани, изгубиле илузија за тоа што е, што е политиката.
Сметаат дека елитите се корумпирани, дека не им е гајле за младите. Така што не ја гледаат политиката како нешто што им прави нешто добро.
Но, од друга страна, гласаат, сакаат да гласаат, и мислам дека тука имаме една лимитација во смисла на тоа како ја сфаќаат демократијата. Само како гласање, а не како поголема и поредовна ангажираност
Така што и тука има една неконзистентност како мислат младите.
Младите сакаат во ЕУ, но многу повеќе сакаат реформи дома.

Ова оди во прилог на процентот кој вели 82,1% велат дека не се ниту политички активни, ниту членови на политичка партија… Што е…
Зачудувачки…
Зачудувачки да, ама ајде да речеме дека може да биде и очекувано заради тоа што се разочарани во политиката како таква, како пракса со која секојдневно се соочуваат. Но, дали има одговори во смисла на тоа дали би биле активирани во некаков граѓански активизам, во нешто што може да биде алтернативата на политиката? Какви беа таму одговорите?
Имаме едно прашање за тоа во какви активности политички активности имате учествувано. Осумдесет проценти, што е највисокиот процент за ова прашање, рекле на протести.
Затоа фактот дека би протестирале, ако нешто се случува погрешно или спротивно од очекувањата, тогаш би протестирале и ова го поддржува фактот дека таа активност веќе ја користеле.
А другите активности се во многу мал процент. Во граѓански организации или волонтирање. Некои биле дел од политички кампањи, но сите овие проценти се многу ниски.
Затоа ли во истражувањето едно од поглавјате вели дека генерацијата Z е постидеолошка генерација?
Да. И тука има контрадикции. Прашувавме дали имаат политичка идеологија и повеќето рекоа – не, немаат идеологија.
Од тие 7% што имаат, повеќето се подесно настроени, ама разликата е три-четири проценти со лево настроените. Па, правевме после тест прашање за да видиме дали има идеологија.
Имаме десничарски верувања во смисла на идентитет, на традиционални вредности.
Па после имаме многу левичарски прогресивни верувања, како што е прашањето за повисоки такси, даноци. Во смисла дека генерацијата Z верува дека е океј повисоки даноци, се додека тоа значи подобри услуги, сервиси за граѓаните, за образованието, за здравството. Затоа што за оваа генерација многу е важна таа околина. Системите, институциите се важни, па затоа мислам дека би би поддржале полевичарски политики во оваа смисла.
Од друга страна, ние во регионот немаме партии што се апсолутно десничарски или апсолутно леви. Така што мислам дека и од тоа произлегува и зошто нема големо идеолошко распределени, тику повеќе политичко-партиски.
Тоа е тоа што преовладува, но исто така и фактот дека толку се менува светот и толку се менува нашиот живот и политиката, што и јас понекогаш се прашувам дали овие идеологии всушност имаат логика во днешниот свет?
Дали имаат нешто опипливо за младата генерација…
Контрадикторно е, но за џен зи генерацијата традиционалните вредности и семејството се важни.

Особено за младата генерација…
Да, затоа мислам дека бев малку можеби похрабра за ова тврдење за постидеологија. Ама мислам дека треба можеби треба учиме за животот на младите и покрај нашите вака формирани идеологии.
Да, можеби генерацијата Зет ни праќа сигнали дека ние, повозрасните, оние што се веќе влезени во некакви системи каде што одлучуваат, каде што креираат јавно мислење, дека треба да размислиме дали треба ги вкалупиме во она што значи наш вредносен систем.
Можеби треба да прифатиме дека нешто треба да менуваме или дека доаѓа генерација која е контрадикторна, којашто си го бара своето место и дека тие контрадикторности треба да ги прифатиме.
Да, мислам дека е така.
Едно од прашањата кое, еве пак сме на темата контрадикторност, е прашањето за традиционалните вредности.
Голем е процентот на оние кои се сметаат себеси за попрогресивни од своите родители, но сепак го гледаат семејството како основна единица и заедница, во која сакаат да учествуваат.
И сега тоа ми е мене, да речеме, јас ќе го кажам моето мислење, а вие ќе кажете дали ќе се согласите или не, или ќе ми го протолкувате тоа. Кога зборуваме за една постидеолошка генерација за ова прашање мене ми дојде терминот ретро-генерација, бидејќи не можев да ја поврзам генерацијата Зет, која расте во едно дигитално опкружување, прогресивна, која е многу различна, а сепак чувствува сентимент кон традиционалните вредности.
Неколку аспекти има тука и затоа и јас сум многу внимателна во толкувањето бaш на овој индикатор, зошто мислам дека е важен. Еден е фактот дека за џен Зи семејството е многу, многу, многу важно. На пример, за мојата генерација беше каде одат нашите пријатели, таму одиме и ние.
Оваа генерација оди таму каде што оди семејството. За нив семејството е многу важна заедница. Тука мислам дека Ковид направи голема разлика. На возраст кога џен Зи одеше во гимназија или на универзитет, во тие први години тие учеа од дома.
Во тие години кога ти треба да правиш нова заедница или во гимназија или во университет, за нив таа заедница сепак беше семејството зашто од дома учеа. Во еден момент клучен таа поврзаноста со семејството, што можеби кај другите генерации доаѓа подоцна, за нив дојде порано.
Исто така, тоа е и една причина зошто не сака да заминат. Не сакаат да ги напуштат нивните семејства и тесниот круг. Но, од друга страна, во фокус групите викаа, многу сме прогресивни, препрогресивни, и после ги прашуваш што мислите за ова прашање или за тоа прашање, па гледаш дека не се толку прогресивни.
Така што мислам дека можеби има некое друго толкување што е тоа прогресивно за нив. Мислам дека и линијата е спуштена, сменета. Таа линијата што ние, нашата генерација очекуваше дека секогаш да оди напред или повисоко.
И за следната генерација линијата ја гледаме таму повисоко или подалеку, ама не значи дека линијата е таму. Линијата е многу поблиска од тоа што можеби сме мислеле. Така што, да, не се толку прогресивни.
Џен Зи се сметаат за среќна генерација, а полни се со фрустрации и со критики.

Очигледно е дека надворешните влијанија, надворешните состојби околности, учествуваат во креирањето на вакво мислење.
Затоа што, ако живеете цело време под притисок на еден несигурен свет, небезбеден, каков што е во последните децении, можам да кажам, нормално е да се свртувате кон она што е некаква заедница која ви нуди сигурност. А семејството е таква заедница.
И додека ова го говорите, ми падна на памет книгата „Беснило“ на Борислав Пекиќ. Во книгата станува збор заза избувнување на епидемија на беснило на аеродромот Хитроу во Лондон. Во тој период од петнаесетина дена, додека трае изолацијата на аеродромот, каде што заради големината на аеродромот има, не знам неколку илјади патници, распаѓањето на вредносниот систем оди до таму што за да се заштитат од болеста, да не бидат заразени од епидемијата, се откажуваат, да речеме, од пријателот, па потоа се откажува од партнерот, девојката…
Меѓутоа, на крајот останува семејството како последно засолниште во кое тие се држат еден до друг и настојуваат да се заштитат, да го заштитат кругот на семејството од болеста којашто им се заканува. Чисто една дигресија.
Ама има логика…
Апсолутно има логика и се поврзува со ова што зборуваме. Дека заканите кои влијаат од надвор го определиле мислењето на генерацијата Зет да биде склона кон тоа да ги негува семејните вредности.
Но, едно друго прашање, можеби е слично на ова, е и прашањето на националниот и културниот идентитет и таму велат дека се загрижени за тоа да го сочуваат, да го негуваат, да го афирмираат сопствениот национален идентитет. Тоа како се толкува?
Е тука идејата беше да мериме национализам, но не го толкувам ова прашањето само со тој индикатор затоа што во фокус групите тоа беше повеќе како патриотизам. Особено во Црна Гора, мислам тие се најпатриоти од сите, во смисла ја гледаат Црна Гора како многу убава, убава за посетување, за живеење…
Но, и ова беше повеќе за поврзаноста со семејството и со земјата, како заедници што се важни. И мислам дека и со сè што се менува, за нив оваа идеја е нешто што останува стабилно.
Плус, мислам дека и светот дошол кај нас во таа смисла. Можеме и во Скопје да купиме нешто од Германија, а не дека треба да патуваш во Германија за да добиеш нешто, некоја маичка или нешто слично. И нашите земји се поотворени од тоа што биле кога ние сме растеле во нив…
Особено ние…
Не сакав јас тоа да го кажам….
Јасно, јасно. Но, нема што, така беше…
Но, мислам дека и тоа има исто влијание да се чува оваа идеја на националниот и на сопствениот идентитет.
Мислам дека оваа генерација има некои инстинкти што се поконзервативни и тоа треба да се, да се гледа и да се набљудува и да се следи уште повеќе.
Но, од друга страна мислам дека е генерација што е сè уште млада и тоа не го кажувам како нешто понижувачки или лошо. Но, мислам дека сè уште ги креираат нивните мислења, политички и социјални.
И светот се менува толку брзо, што мислам дека е исто така прва генерација, што од претходните генерации нема како да учи како да се справува со овие работи, зошто и ние не знаеме и ние учиме.
Во таа смисла мислам дека сите податоци треба да се гледаат и во тој контекст, во контекстот и на регионот, и на генерацијата, кога се роди и како се роди, и во однос на тоа како оди глобалниот тренд. Зашто сега сите сме во некој начин под влијание. Понекогаш еден твит од некој председател креира јавност и ние не знаеме како да се справуваме со тоа. Јас како истражувачка многу често сега „паузирам“ кога ќе гледам нешто, зашто не знам веќе дали да го толкувам тој факт со тие алатки што ги имам или треба да смислам нови алатки, зошто старите стварно не функционират како што функционираа порано.
Така што во таа смисла, сакам секогаш да ги ставам малку во перспектива овие податоци и да не ги земам веднаш…
Здраво за готово…
Да, затоа што контекстот е исто така многу важен, и понекогаш ми е жал во кој свет растат џен зи, или џен алфа, зошто е многу, многу поразличен од нашиот свет.
Кризата на вредности ги турна кон национализам кој тие го нарекуваат патриотизам.

Да не зборуваме од нашиот. Уште една контрадикторност. Заклучувате во истражувањето дека Z генерацијата е многу среќна. Тоа кога ќе го споредите со оние истражувања за најсреќни народи во светот, обично најсреќни се Финска, Данска, Норвешка, Скандинавија, тој тип на на земји, а на дното се земјите од Балканот.
И сега, како оваа генерација е најсреќна генерација? Веројатно имате одговори од истражувањето и од фокус групите каде што тие го објаснуваат тоа.
Ова е, од сите податоци, најголемата контрадикторност. Колку се среќни, а од друга страна колку има и фрустрации и колку се критични кон нивните системи.
Не дека не се, зошто понекогаш кога го кажувам овој податок велеа „а зашто не знаат колку лошо е, па затоа се среќни“. Не дека не знаат, но некако нашле нивни начин. Можеби зашто младоста е така оптимистичка, па кога ги земаме овие другите податоци, тие не се само со млади, тие се со генералната популација, и тоа има влијание.
Јас во извештајот ова го поврзувам и со една теорија што се вика теорија на сиров оптимизам. Во таа смисла, понекогаш кога сме многу оптимистични за една работа и мислиме дека ќе ја постигнеме таа работа без да се мобилизираме за да ја смениме. Мислиме дека патот што води кон таа идеја, ќе не води таму и, не правиме многу за тоа да биде така.
И тој оптимизам што нас не прави да бидеме среќни дека ќе постигнеме, е тој оптимизам што нè блокира од мобилизирање, за да се смени тоа. И после како резултат на тоа ништо нема да се смени, па тој оптимизам никогаш никогаш нема да биде постигнат во тој смисол или таа оптимистичка визија.
Тука јас малку сум загрижена зашто што се случи ако имаме толку оптимистични и среќни „џензија“ кои очекуваат подобар живот. Што ќе се случи ако тој живот не се подобрува и нема да станува подобар, а тие не се ангажираат за да го обезбедат тоа?
Тогаш тука ќе се креира една тензија и мислам дека затоа е многу важно да се вклучат Gen-Z во политичките и социјалните системи, затоа што е многу важно тие да бидат дел од промените, за тој оптимизам да биде постигнат.
Зашто начинот како што е сега, каде што они гледаат дека има несовпаѓање со она што го сакаат политичарите и што сакаат тие, тогаш ќе се случи една една тензија што ќе креира вакуум…
Или конфликт.
Или конфликт, ама не би сакала ни да помислам да дојде до тоа, ама мислам дека понекогаш овие позитивните емоции и очекувања кога паѓаат, паѓаат лошо.

Ова добра порака. Тој оптимизам на генерацијата Z да се најдеме начин да се прелее, да се канализира, да влезе во она што е некаков конвенционален актуелен естаблишмент и некаква некакво јавно мислење околу тоа прашање.
Можеби треба да направите уште едно истражување кај овие другите, кај возрасни колку се подготвени да се отворат за сигналите на малдите. Иако тоа сме го разговарале тоа, многу зборуваме за тоа да ги вклучиме младите, да ги вклучиме младите, меѓутоа очигледно не се прави толку колку што треба.
Да, или го правиме на наш начин. Ние сме навикнати на овој начин, ајде состанок тука… Не сакаат состаноци. Повеќе сакаат други начини на ангажирање. Треба тие да видиме кои се тиа, за да можеме да ги вклучиме.
Една порака тука, последна би била, оваа генерација сака реформи и ако политичките партии во сите овие земји стварно се сериозни за реформи кон Европската Унија, ова е генерацијата што би поддржала такви реформи.
Нема оправдувања…
Нема оправдувања. Треба да се работи кон нив за таа иднина за којашто Gen-Z што мисли дека ќе биде убава, да се оствари.
На крајот само едно прашање ми се наметна, иако не е опфатено со истражувањето.
Ако Балканот е средина која постојано била некакво место каде што имало конфликт меѓу народите што живееле тука, како генерацијата Z гледа на ова? Дали е тоа генерацијата која може да ги надмине тие недоразбирања и да видиме во неа некоја генерација која, еве, тој оптимизам и таа среќа да ја прелее на тој начин во она што е иднината на земјата без познатите стереотипи и конфликти за Балканците?
Мислам дека можат. Имаме еден дел во студијата што се однесува на регионалните прашања. Една работа е интересна. Кога ги прашавме што е Западен Балкан или кои земји се дел од Западен Балкан, скоро никој не знаеше сите шест да ги каже, во ниту една земја.
Сметам дека тоа е резултат на фактот дека владите не работат толку добро заедно и дека младите не патуваат и не зборуваат други јазици што не се блиску до нивните.
Така што регионално сме малце лимитирани. Албанците одат во Косово и можда во Македонија, Косоварите кои одат во Албанија, па можда во Македонија, можда и во Црна Гора. Од Црна Гора одат во Србија и во Босна, ама не во Албанија на пример, така што има лингвистички бариери.
Но, она што беше интересно во фокус групите е дека сите викаа дека сакаат регионот да работи повеќе заедно. Веруваат во транзициска правда, значи мислат дека треба да има правда и за тоа што се случило со распадот на Југославија, но една интересна работа што сè уште, нажалост постои е дека младите од Србија и младите од Албанија се најспротивставени затоа што во Србија можеби зошто тие не го гледаат Косово како земја, како држава, викаа ние имаме проблеми со Албанија.
Значи никој не викаше со Косово, туку со Албанија. А Албанија викаше дека ние имаме проблеми со Србија заради Косово. Така што тука мислам сè уште постои една голема „дупка“ во смисла дека сè уште не се зборува за оваа тема.
Во Србија сè уште има вести каде што за Косово се зборува како за домашна тема…
Односно Косово и Метохија…
Косово и Метохија. Така што младите ако креираат мислење од телевизија секој ден, ќе мислат дека така е. Иако со интернетот малку е инертно тоа толкување од нивна страна, ама сепак.
Се гледа дека тука сè уште има работа за да се надмине тоа, но има желба и во Србија и во Косово и во Албанија велат сакаме да работиме заедно, не гледаме проблеми на тоа зошто да не, но транзициската правда е потребно за тоа да се случи. Така што мислам дека тоа е убаво.
Ви благодарам многу на разговорот.
