Помина летото, есента, зимата, пролетта тече, ново лето доаѓа, а Битола и понатаму без базен

Битола базен

Иако министерот за спорт Борко Ристовски пред повеќе од една година најави дека до крајот на летото во 2025 година ќе биде завршен покриениот базен во Битола, тој сѐ уште не проработи. Градењето на базенот наменет пред сѐ за школски спортски активности, почна пред повеќе од пет години.

„Поминаа летото, есента, зимата… помина повеќе од година, битолчани не го видоа тој базен. Во градот има две пливачки школи со повеќе од 200 дечиња што нижат успеси и медали со само два месеца тренинг годишно преку лето, бидејќи градот има само базен на отворено. Тие најмногу очекуваат покриениот базен еднаш да се отвори. Во секоја кампања, сите политички партии милуваат да кажат дека Битола конечно добива покриен базен, но тој сè уште го нема видено светлото на денот“, рече неодамна на седница на општинскиот Совет, Никола Гагоски, советник од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“.

Од Министерството за спорт велат дека објектот е изграден и дека сега треба другите институции да ги завршат нивните обврски.

„Според договорот и распределбата на надлежности, обврска на Министерството беше изградбата на објектот, односно реализација на градежниот дел од базенот, што е целосно завршено. Во следната фаза, во согласност со проектната документација, потребно е да се обезбедат приклучоци за вода, струја и канализација, како и партерно уредување на просторот околу објектот, обврски во надлежност на Општина Битола. Овие активности сè уште не се целосно реализирани“, велат од Министерството за спорт

Уредување на други спортски терени во дворот на училиштето / Фото: Ж.З.

Од Општина Битола, пак, велат дека нивните обврски за изведба на приклучоци се завршени, но објектот уште нема технички прием.

„Кога ќе се направи технички прием на објектот, ќе се пристапи кон партерно уредување, бидејќи во парцелите на дворот на училиштето ‘Даме Груев’, каде што е сместен базенот, во моментов се изведуваат градежни активности за реконструкција на спортските игралишта“, велат од Општината.

На 1 април пред две години недоградениот базен стана и дел од првоаприлските шеги на учениците од училиштето во чиј двор се гради. Тие на Денот на шегата се појавија во макета од базен импровизирајќи пливање.

Ж. З.

Преземено од Редакцијаhttps://lap.mk, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Зачлени се на нашиот е-билтен