Скопјани изминатиот викенд се соочија со уште една криза во јавниот превоз. Автобуси на ЈСП речиси и да немаше на линиите, а граѓаните, според сведоштвата, со часови мрзнеле на станиците.
Неофицијално, претпријатието се соочува со недостаток на гориво, што ги принудува да штедат нафтата. Од ЈСП не дадоа објаснување, а кусото соопштение од Град Скопје пред полноќ, дека „од утре јавниот превоз ќе се одвива редовно“, остави повеќе прашања отколку одговори.
Градоначалничката Данела Арсовска вината ја лоцира кај советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои, според неа, три години блокираат проекти за набавка на нови автобуси. Од друга страна, советниците и претставниците на партијата ја обвинуваат Арсовска и менаџментот на ЈСП за неспособност.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, како и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакнаа дека решение ќе мора да се чека до следните локални избори, кога се очекува нова градска власт.
Додека надлежните префрлаат вина, граѓаните остануваат жртви на неефикасниот јавен превоз. Ситуацијата станува сѐ полоша – линиите се поретки, автобусите се расипуваат, а приватните превозници возат по свои правила. Скопјани се оставени да мрзнат на станиците во зима и да се гушат во преполни, неклиматизирани автобуси во лето.
Прашањето останува: кој ќе преземе одговорност и ќе ја стабилизира состојбата со јавниот превоз? Или граѓаните ќе продолжат да плаќаат цена за нечија неспособност?