Поради пожарот во „Јасен“, затворен регионалниот пат Македонски Брод – Скопје

Фото Борјан Михајловски, преку ДЗС
Фото Борјан Михајловски, преку ДЗС

Регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје е затворен за сообраќај на сите видови возила поради големиот пожар што беснее во националниот парк „Јасен“, информира АМСМ.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека во гаснењето на пожарот се вклучени екипи на ЈП „Национални шуми“, ЈП „Јасен“ и Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ).

„Зафатена е мешана шума, а за гаснење се користат сите расположливи ресурси“, изјави Ангелов, нагласувајќи дека пожарот е тежок за локализација поради непристапниот терен и високите температури.

Тој додаде дека уште рано изутрина на терен биле испратени и 30 припадници на специјалните единици „Волци“ и „Ренџери“, кои заедно со шумарските и противпожарните екипи се обидуваат да ја запрат огнената стихија.

„Иако вчера воспоставивме делумна контрола врз пожарот, повторно се активираше поради ветерот и високите температури. Нашата стратегија е да го пресретнеме и стопираме ширењето и во текот на денот да го ставиме под делумна контрола,“ истакна Ангелов.

Надлежните апелираат граѓаните да ги избегнуваат патиштата околу „Јасен“ и строго да се придржуваат до упатствата на службите, со цел да не се загрози нивната безбедност.

Зачлени се на нашиот е-билтен