Поранешен раководител на УЈП во Штип приведен во полициска акција што се спроведува на повеќе локации низ државата

Полициски службеници утрово влегоа во просториите на Управата за јавни приходи (УЈП) во Штип, каде што, според првичните информации, е приведен поранешен раководител на институцијата, јавува МИА.

Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека акцијата не се одвива само во Штип, туку е координирана и опфаќа повеќе локации на територијата на целата држава.

„Полициски службеници од СВР Штип и ОВР Кочани, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција и по насоки на ОЈО Кочани, преземаат повеќе активности на неколку локации низ државата. По завршувањето на акцијата јавноста ќе биде соодветно известена“, соопштија од МВР.

Од Министерството засега не откриваат дополнителни информации, ниту деталите околу бројот на лицата опфатени со акцијата. Повеќе податоци се очекуваат по нејзиното завршување.

Според дел од медиумите, во акцијата биле уапсени 11 лица – административни службеници, вработени и поранешни раководни лица од УЈП и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Сите тие, како што се пренесува, се дел од проширената истрага поврзана со пожарот и работењето на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, трагедија во која загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени.

Зачлени се на нашиот е-билтен