Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа е осомничен дека примал поткуп со цел да искористи реално влијание врз судија во Апелациониот суд Скопје, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, Стафа примил вкупно 50.000 евра за посредување и интервенција кај судија, со намера преку поткуп да се изврши службено дејствие кое не смеело да биде преземено.
Истрагата покажала дека осомничениот првично побарал 100.000 евра за да обезбеди укинување на мерка притвор изречена за лице кое е недостапно за органите на прогонот и против кое ОЈО ГОКК води посебна постапка за кривични дела поврзани со јавните финансии, платниот промет и стопанството.
На 6 октомври 2025 година, според наводите, Стафа примил 30.000 евра како дел од побараниот износ, кои му ги предала сестрата на лицето кое се наоѓа во бегство. На 13 декември 2025 година, тој директно побарал и примил уште 20.000 евра, наводно наменети како поткуп за судијата.
Непосредно по примањето на парите, осомничениот бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени и одземени паричните средства. Поради опасност од бегство, можност за повторување на кривичното дело и ризик од влијание врз текот на постапката, обвинителството побарало определување мерка притвор.
Во соопштението не се прецизира каква евентуална улога имале судијата и сестрата на лицето во бегство.
Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од август 2018 до 23 август 2022 година, кога беше разрешен од функцијата. Против него се води постапка за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.