Посетата на Папата Франциск на Македонија е најкомплексен настан од највисоко ниво во историјата на државата

Посетата на Папата Франциск во Северна Македонија се оценува како најкомплексен настан од највисоко ниво во историјата на државата, имајќи ги предвид религиозниот и државничкиот ранг и авторитет на Светиот отец, како и јавниот карактер и јавните локации на кои се спроведоа активностите.

За оргабнизацијата на подготовките и за реализација на самиот настан беше формирано Координативно тело кое опфати поголем број политички и општествени институции. На чело на тоа Координатовно тело беше дипломатот со големо искуство, во тоа време држабен секретар на Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски.

Виктор Димовски за Рацин.мк се сеќава каков предизвик и одговорнос беше да се координираат активностите поврзани со посетата на Папата Франциск на Северна Македонија на 7 мај 2019 година, имјаќи предвид дека стануваше збор за организација на настан за пречек и престој на една од најважните личности на светот каков што е Светиот отец и поглавар на Католичката црква.

Организацијата на посетата на Папата Франциск во 2019 година беше еден од позначајните предизвици во мојата речиси тридецениска дипломатска кариера. И покрај тоа што дотогаш многупати сум се соочувал со сериозни предизвици кои барале умешност, посветеност, упорност и трпение овојпат бев свесен за честа и довербата која ми беше укажана мене и на членовите на Организациониот одбор, но воедно и за одговорноста за успешна реализација. Не само затоа тоа што нашата држава, нејзините граѓани од католичка вероисповед, но и сите други граѓани за прв пат беа домаќини на поглавар на католичката Црква и на високата делегацијата од Ватикан, туку и заради нејзината силна симболика. Се реализираше во годината кога одбележувавме 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи и претставуваше своевидна потврда на пријателските односи и соработката заснована на значајни историски врски, споделени духовни вредности и традиции. Во овој контекст неодминливо е споменувањето на светите ликови на Мајка Тереза, како и на светите браќа, словенските просветители Кирил и Методиј, чии хумани мисии оставија трајни духовни и цивилизациски вредности.

Се разбира за да се изведе беспрекорно едена ваков настан беше неопходна претходна и темелна комуникацијата со тимот на Ватикан задолжен за посетите на Папата во странство.

Соодветно на големината и значењето на посетата потребно беше вклучување на речиси пеесетина институции на централно и локално ниво, јавни претпријатија, останати организации и поединци кои беа непосредно инволвирани во активностите. Во овој контекст, една од спецификите беше и потребата за координација во услови на кохабитација со кабинетот на тогашниот претседател во заминување. Воедно, мораше да се има предвид огромниот интерес за граѓанско присуство не само од земјата, туку и од регионот, но и за растечкиот медиумски интерес од водечки македонски, регионални, но и светски медиуми. Притоа, мораше да се води сметка и за специфичните протокаларни и безбедносни побарувања на организациониот тим од Ватикан со единствена цел настанот да се реализира на висината на задачите и протоколите кои важат за вакви посети на највисоко ниво. Гледано од оваа временска дистанца можам да кажам дека сите учесници демонстрираа сериозна посветеност и одговорност и во овие рамки останува особеното задоволство од соработката со тимот од Ватикан.

Посетата на Папата Франциск, која беше прва посета на еден поглавар на Католичката црква и со тоа таа беше историска, од политички аспект имаше посебно значење за нашата земја и испрати пораки во светот во многу важно време од развојот на Северна Македонија.

Посетата на високиот гостин од Ватикан, кој важеше за неспорен првенец и морален авторитет во светот беше настан од историско значење за нашата земја и за граѓаните од сите верски и етнички заедници, настан кој во време на исклучителни напори за интеграции на земјата ја засили внатрешната кохезија и даде дополнителен стимул на нашето заедничко живеење. Нема да згрешам ако кажам дека се работеше за милениумска посета, која самата по себе беше порака. Реализацијата во период кога се сметаше дека Македонија ги затвори историските прашања, односно проблемите кои ги имавме во изминатите децении со некои соседни земји и кога со крупни чекори тргна по патот на европските и евроатлантските интеграции, беше уште една потврда на вредностите кои се обидувавме и како држава да ги усвоиме и применуваме.

Долго преговарана посета

Димовски наведува дека нашата дипломатија и Католичката црква со години работеа на подготовката на една ваква посета. Но, клучните средби пресудни Папата Франциск да ја вклучи Македонија како една од своите дестинации на неговата турнеа беа одржани во 2018 и 2019 година.

Нашата дипломатија и Католичката црква со години наназад работеа на подоготовка на една таква посета. Шефовите на македонските делегации редовно упатуваа покани за време на ауденциите кај Папата при молебенските посетите на Ватикан во чест на Св.Кирил и Методиј. Во еден период и јас бев лично вклучен за време на мојот мандат како амбасадор во Србија и Црна Гора во комуникацијата со тогашниот католички надбискуп во Србија, Станислав Хочевар. Конечно, одлуката беше искомуницирана и концептот финализиран на средбата на поранешниот премиер Заев со папскиот нунциј Гвидо Анселмео Пекорари, кој од Софија ја покриваше и нашата земја во тој период.

Бездруго имаше многу аспекти кои беа предизивици за да се спроведат за да се оргарнизира една ваква посета на највисокот државно ниво. Што беше најголемиот предизвик? Дали тоа беа безбедносните аспекти, го прашавме Димовски.

Како што претходно напоменав еден од најголемите предизвици беше потребата за координација на исклучително големиот број на инволвирани актери од земјата и странство, со различен профил и дел од кои немаа претходно искуство со учество во вакви настани. И сето тоа во услови на интензивна агенда и збиен след на настани. Се разбира дека при организацијата и реализацијата на вакви државна посети на највисоко ниво, важат и посебни безбедносни протоколи. Во овој контекст соработката со Министерството за внатрешни работи, со Агенцијата за разузнавање и со останатите пријателски и партнерски служби од странство, беше на потребното ниво и посетата беше реализирана според предвидените највисоки стандарди и процедури својствени за пречек на највисоки гости од посебно значење. Потврда дека сѐ беше направено на соодветно ниво беше и честитката од Службата за протокол при Државниот секретаријат на Ватикан која посетата на Папата Франциск на нашата земја ја оцени како една од најдобро организираните согласно нивните искуства. Не помалку важен за мене беше и коментарот на четири ваши искусни колешки од македонските медиуми кои во прилог на честитката за успешната реализација истакнаа дека не ја виделе македонската претстолнина, Скопје “почист и повеќе среден од некои претходни, поубави времиња”.

Таквите турнеи на Папата секогаш се придружени со бројни новинари на светски медиуми акредитирани во Ватикан. Од какво значење беше медиумското внимание на посетата на Скопја за нашата земја во светот?

Посетата на Папата Франциск во 2019 година предизвика огромен медиумски интерес. Беа акредитирани повеќе од 300 новинари, вклучително и педесетина акредитирани во Ватикан, кои редовно го следат во неговите апостолски посети во странство. Не можам, а да не упатам признание и кон Македонскаата радиотелевизија за целодневното медиумско покривање на настанот со пренос во живо и со отворената програма од студијата на јавниот радиодифузен сервис. Сите горенаведени, како и останатите медиумски куќи и акредитирани новинари од земјата дадоа значаен професионален придонес за соодветно информирање на јавноста овде, во регионот и пошироко во светот. Најважно од сѐ, според мене е што за првпат после подолго време, кога бевме тема во светските медиуми со вести поврзани со негативни вести како на пример обидот за атентат врз Претседателот(1995), авионските несреќи (1993 и 2004) и воениот конфликт (2001), Македонија беше претставена во позитивно медиумско светло во пошироката меѓународна јавност.

Подготовки повеќе од 10 месеци, акредитирани 350 медиумски екипи

Марјан Забрчанец, кој во 2019 година беше национален координатор за стратегиски комуникации во Владата, ги менаџираше односите со јавноста и медиумите со ПР тимот на папата.

Подготовките за организација на настанот траеа повеќе од 10 месеци, период во кој претставници од организацискиот одбор добија специјализирана обука од страна на ватиканските служби за сите организациски, комуникациски и безбедносни стандарди и протоколи при организација на ваков тип јавни настани. Координацијата и организацијата на посетата подразбираше темелна комуникација и соработка меѓу македонските институции, Владата, кабинетот на Претседателот, Католичката црква, Ватиканскиот кабинет, Македонската радио телевизија, медиумите и граѓаните.

„Светските и домашните медиуми ја оценија организацијата на посетата како беспрекорна, а Папата упати пораки за мир, заедништво и солидарност, пораки за иднина и интеграција, оддавајќи почит и кон историските аспекти на Македонија и кон делата на светите Мајка Тереза, Кирил и Методиј“.

Забрчанец потсетува дека за време на 10-часовната посета, Папата реализираше осум јавни активности на различни локации низ Скопје.

После 1) официјалниот пречек на скопскиот аеродром, неговата Светост, Папата Франциск, во претседателската резиденција на Водно 2) се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со претставници на граѓанското општество и дипломатскиот кор.

Подоцна, во просториите на спомен куќата на Мајка Тереза,  Светиот Отец 3) се сретна со верските лидери, а во амфитеатарот позади спомен куќата 4) оствари средба и со сиромашни лица.

Централната активност се одржа на Плоштад Македонија, каде Папата Франциск 5) служеше света Литургија, а потоа пред Католичката катедрала 6) имаше свое обраќање на екуменска и меѓурелигиска средба со млади. Во Катедралата, Папата 7) одржа средба и со свештениците, нивните семејства и богопосветените лица, а потоа се упати кон скопскиот аеродром каде беше организирано 8) церемонијално испраќање, после што Папата Франциск се врати во Рим.

„Согласно стандардите за ваков тип посети, во деновите пред настанот граѓаните кои сакаат да присуствуваат на активностите, подигнуваа бесплатни билети на повеќе јавни пунктови низ Скопје и државата. 7 Мај беше прогласен за неработен ден со цел да се овозможи што повеќе граѓани да ги следат активности, а институциите да одговорат во целосен капацитет. Јавните паркинзи во Скопје, јавниот автобуски превоз во Скопје и железничкиот превоз низ целата држава беа бесплатни“.

На активностите присуствуваа околу 15.000 граѓани, а беше организиран и телевизиски пренос со камери што ги пренесуваа во живо активбностите од локации кои ги посети Папата, што важи за најкомплексниот ТВ пренос што МРТВ го извела од постоењето на телевизијата.

„За медиумско следење на настанот се акредитираа околу 350 медиумски екипи од земјава, регионот и од целиот свет, за кои во Домот на АРМ беше организиран и целосно опремен медиа центар. 60-тина од медиумски претставници пристигнаа со авионот со кој пристигна и Папата – тоа се медиумски куќи кои редовно го следат Папата при вакви посети насекаде низ светот и при тоа редовно патуваат на заеднички летови со него. За оваа група медиумски работници, Папата Франциск за време на летот назад кон Рим одржа специјална прес конференција во која ги сумираше поентите од посетата во Скопје“.

Забрчанец потсетува дека стратегијата за комуникацијата со медиумите и граѓаните беше таа да биде честа, јасна и прецизна, со цел да се обезбеди соодветна промоција на посетата, да се известат граѓаните со сите сервисни информации поврзани со изменетиот јавен сообраќаен режим, со безбедноста и со функционирањето на јавните здравствени установи. За поефикасна комуникација со јавност, беше креирана и специјализирана веб страна “папа.мк”, како и специјализирана фејсбук страница “Папата во Северна Македонија”.

Во аналите на МРТ телевизиското покривање на посетата на Папата на Македонија ја покажа моќта на јавниот сервис

Анета Андонова, која во тоа време, во 2019 година беше Одгворен уредник на Првиот програмски сервис на МРТ денес вели голем предизвик и одговорност.

Тоа е дефиницијата за медумското следење на посетата на Поглаварот на Католичката црква, Папата Франциск на Република Северна Македонија и за мене како тогашен одговорен уредник на Првиот програмски сервис и за сите новинари, сниматели, режисери и други телевизиски работници кои беа вклучени во процесот.

Во време кога земјата одбележа 25 години дипломатски односи, се сеќава Андонова, неговата Светост пристигна со крупна порака за соживот и пријателство, а задачата на Македонската Радио Телевизија  беше да  ја пренесе сликата од историската посета на  целиот свет.

Улогата на Јавниот сервис е специфична и не може со ништо да се спореди. Токму затоа му беше доделено ексклузивното право за медумско следење во живо на посетата на  Папата за Франциск. Со 12-часовна отворена програма реализирана со 5 репортажни возила, 55 камери, над 150 директно и индиректно вклучени телевизиски работници со многу енергија и голем ентузијазам, Македонската Радио Телевизија го сруши сопствениот рекорд на програма во живо. На сето тоа му претходеа многу координативни состаноци, 10-тина технички и генерални проби. Секој во ланецот даде 100% од себе. Одговорноста која што ја чувствуваме ни го поттикна адреналинот. Со максимален фокус, добивме производ за кој добивме честитки од членките на Европската радиодифузна мрежа.

Во аналите на МРТ, 7-ми мај ќе биде запишан како датум кога за прв пат во земјата дошол Поглавар на Католичката црква, а Јавниот сервис  ја покажа својата моќ, вели денес за Рацин.мк Анета Андонова.

Зачлени се на нашиот е-билтен