Премиерот Христијан Мицкоски денес ги отфрли прашањата на новинарите поврзани со одговорноста на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, за трагедијата која се случи во градот. Прашањата се однесуваа на информациите дека Папазов е пуштен на слобода по исказот пред обвинителите, иако според законите, Општината била надлежна да води регистар на ноќни клубови и да наплатува лиценци.
Мицкоски беше прашан и за причината зошто оставката на Папазов сè уште не е потпишана. Тој одговори дека бил во Скопје и дека ќе оди во Кочани кога ќе може, за да ја официјализира оставката. На прашањето кога ќе оди во Кочани да се потпише во книгата на жалост, Мицкоски нервозно одговори дека во моментов е попотребен во Скопје и дека не се плаши да оди во Кочани.
Тој го коментираше и прашањето за неговата формална оставка, оценувајќи го како „валкана игра“ од страна на новинарите, нагласувајќи дека нема проблем да ја потпише оставката бидејќи неговата совест е чиста.
„Ќе сторам се, и покрај оваа валкана игра на која пледирате, и ќе изразам сочуство на граѓаните“, му посочи Мицкоски на новинарот кој го постави прашањето.
„Дали има и колкава е одговорноста на градоначалникот ќе утврди Обвинителството. Градоначалникот ја поднел оставката и се ставил на располагање. Колку што знам, денес истражните органи ќе влезат во општината и ќе ги проверат документите“, рече Мицкоски.
Во неговото обраќање, Мицкоски истакна дека никој, без разлика дали е од ВМРО-ДПМНЕ или не, не е над законите. Тој нагласи дека ако некој направил грешка во врска со трагедијата, ќе одговара, и без разлика дали станува збор за негов брат или сестра.
„Свети ВМРО нека биде, ќе одговара. Некој сестра или брат да ми биде, ќе одговара. Тоа досега сме го покажале“, додаде Мицкоски.