Потресно сведоштво на Јулија: Васев ја умре ќерка ми

Во продолжението на судењето за случајот „Онкологија“ јавноста слушна потресни сведоштва од најблиските на тројца починати пациенти. По признанието на вина од обвинетата докторка Мери Пешевска, од обвинителната клупа се бранат поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски.

Судијката Снежана Марковска ги повикуваше сведоците еден по еден – мајка, сопруг и син – кои за неколку минути ги прераскажаа своите загуби за кои обвинителството тврди дека се последица на несоодветно лекување.

Најсилно одекна сведоштвото на естрадната уметничка Јулија Мациевска, мајка на починатата Адријана Начевска. „Тоа беше тивко убиство. Таа не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии,“ рече Мациевска, додавајќи дека штетата што ја бара ќе ја донира за болни од канцер.

Според неа, ќерката прво „ја истурка хемотерапијата“ и „во докторот гледаше светец“, но по инсистирање на докторот Васев започнала имунолошка терапија по која состојбата нагло се влошила.

Мајката опиша низа симптоми по секоја доза: „повраќаше, имаше температура, ѝ течеше крв од носот“. „Му се јавував: ‘докторе, детето паѓа во несвест’. Тој цело време ми велеше дека паничам,“ сведочеше Мациевска.

Таа раскажа и за драматичните дежурства кога ѝ ваделе течност од стомакот: „стомакот ѝ се полнеше со вода, само што не експлодираше… вадеа и по десетина литри“. На еден преглед, вели, им било кажано дека црниот дроб ѝ е „оштетен со вештачки метастази“ од несоодветна терапија. „Кога ќе ѝ дадеа терапија, јас ѝ велев дека е како отров за глувци… ќе му кажеме на Нино дека вака не може, а таа се плашеше – ‘после нема да бидат љубезни со нас’.“

Во судницата Мациевска посочи дека на почетокот имале целосна доверба: „вербата беше во него голема и чиста… тие беа нашите спасители“. Но кога побарала ќерката да „одмори“ по хемотерапијата, добила одговор „не се секирај“. „Кога ќе се сетам – вие молите, а од другата страна гледате авторитет,“ рече таа, опишувајќи и моменти на, како што ги доживяла, бесчувствителни реакции и „вицови“ во деновите кога „веќе се броеле деновите“.

Мајката наведе дека досието на ќерката го анализирале вештаци-онколози од Србија и Словенија на барање на Обвинителството. Во продолжение сведочеа и син на почината жена и сопруг на пациентка што била под третман кај Васев.

Одбраната, пак, останува на став дека нема вина. Нино Васев на претходно рочиште изјави дека не се чувствува виновен и дека „против него се прави заговор“, а неговиот адвокат оцени дека ОЈО нема докази и најави оспорување на вештачењето од словенечкиот онколог, „кој не бил во регистарот на вештаци“.

Според обвинението, онколозите се товарат за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на состојбата.

Васев во петок повторно ќе биде донесен од Истражниот затвор Скопје и за друго судење – заедно со поранешниот економски директор на Клиниката се обвинети за злоупотреба на службена положба и проневера со наводна штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.

Извор: Вечер.Пресс

Зачлени се на нашиот е-билтен