Летувањето во странство, според Владата, не е реален дел од животот на македонските граѓани. Според најавената нова „просечна потрошувачка кошничка“, такви трошоци се сметаат за луксуз и нема да бидат земени предвид. Самиот факт дека вакви трошоци се избришани уште пред да се објави документот ја наметнува дилемата – дали оваа кошничка ги мери реалните трошоци на граѓаните или ги прилагодува на политичката агенда?
„Никој не го оспорува правото на летен одмор, но сметаме дека летување во странство не е нешто што треба да влезе во пресметките на просечната потрошувачка кошничка,“ рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески. Тој вели дека ваквите „луксузи“ ќе бидат исклучени, како и акцизните производи – алкохол, цигари – и несезонски овошја и зеленчук.
Но, додека Владата тврди дека новата кошничка е обид за рационализирана и „деполитизирана“ проценка на трошоците, останува нејасно што точно содржи. Деталите се засега под клуч. Единствено што се знае е дека ќе биде наменета за тричлено, а не четиричлено семејство.
„Кошничките досега беа наменети за политиканство,“ вели Ристески, „а сега сакаме да ја заштитиме куповната моќ на граѓаните.“
Економистите, пак, предупредуваат дека новиот модел мора да се темели на релевантни податоци. „Потрошувачката кошничка треба да се креира врз основа на официјална статистика – а не врз вкусите на поединци од Владата,“ вели професорот Марјан Петрески.
Овие вкусови, сепак, не беа безгласни. Премиерот Мицкоски лично побара промени откако ја осуди синдикалната кошничка за „чудни“ ставки. „Во јануари не јадев цреши, кајсии, праски, ниту испив нескафе од 250 грама,“ изјави тој. Министерката за финансии, Гордана Кочоска, се побуни зошто грашокот бил конзервиран, а не замрзнат – и зошто има 13 литри млеко месечно кога таа не пиела толку.
Наспроти ваквите анегдотски интервенции, останува фактот дека Државниот завод за статистика престана да објавува кошничка уште во 2011 година. Од тогаш, единствени пресметки се оние на ССМ за минимална синдикална кошничка – во која, патем, се пресметува и еднонеделен одмор во Дојран.
На прашањето дали барем домашен одмор ќе биде вклучен, заменик-министерот Ристески остана нејасен. Но, за многу граѓани, тоа е повеќе од симболично прашање – тоа е прашање дали државата ги признава реалните услови на живот или претпочита да ги игнорира.
Како се пресметува во ЕУ?
Индексот на потрошувачки цени, познат како CPI (Consumer Price Index), ја мера промената во цените на потрошувачките стоки и услуги што ги набавуваат, користат или за кои плаќаат домаќинствата. Тоа е важна мерка за инфлацијата во Европската Унија (ЕУ).:
Во САД на пример (CPI): Се мери потрошувачката на т.н. урбани потрошувачи, што опфаќа околу 87% од населението. Ова вклучува поединци, семејства со различен број членови, но при пресметките се користи четриричлено семејство.
Во Европската Унија (HICP – Хармонизиран индекс на потрошувачки цени): Се пресметува врз основа на просечното трошоци на сите домаќинства, без разлика на нивната големина (самци, парови, семејства со деца итн.).
Во некои држави (како Канада или Австралија), понекогаш при анализи се користи типично семејство (на пример: 2 возрасни и 2 деца), но и таму официјалниот CPI ги одразува просечните трошоци на сите типови домаќинства.
Целта на CPI е да го опфати целиот сет на стоки и услуги што се потрошуваат во територијата на една држава од страна на населението. За тоа, се избира репрезентативен сет; така наречената „потрошувачка кошничка“. Потрошувачките стоки и услуги вклучуваат, на пример, храна и пијалаци, производи за лична хигиена, весници и периодични изданија, трошоци за станување, вода, електрична енергија, гас и други горива, здравство, транспорт, комуникации, образование, ресторани и хотели.

FROOPP (чести производи и услуги од лична потрошувачка)
Удел на FROOPP во главната група
non-FROOPP (останати производи и услуги)
Многу од овие стоки и услуги се купуваат често или се консумираат секојдневно.
CPI може да се користи за различни цели, вклучувајќи:
-како водич за монетарна политика;
-за индексирање на комерцијални договори, плати, социјални заштитни бенефиции или финансиски инструменти;
-како алатка за дефлација на националните сметки или за пресметување на промените во националната потрошувачка или животниот стандард.
Евростат собира хармонизирани индекси на потрошувачки цени (HICP) за да овозможи меѓународни споредби на инфлацијата на потрошувачките цени. HICP се користат од Европската централна банка за да го следат инфлацискиот притисок во еврозоната и да оценат конвергенција на инфлацијата, како што се бара според член 121 од Амстердамскиот договор.
Подготви С. Тснеска