Повеќе од 180.000 македонски граѓани со бугарски пасоши, во тек нови 20.000 апликации

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев откри дека повеќе од 180.000 граѓани од Северна Македонија поседуваат бугарски пасоши, додека околу 20.000 нови барања за државјанство се во постапка на разгледување пред бугарските институции.

Во изјава за бугарските медиуми, Ковачев нагласи дека овие бројки, според него, ја потврдуваат „длабоката историска и културна поврзаност меѓу двата народа“. Тој додаде дека дел од апликантите го гледаат бугарскиот пасош како средство за полесен пристап до пазарот на труд и слободно движење во земјите на Европската Унија.

„Повеќе од 180 илјади граѓани од Северна Македонија веќе го стекнаа бугарското државјанство врз основа на нивното потекло, а интересот постојано расте. Сите постапки се спроведуваат согласно бугарското законодавство и под надзор на Министерството за правда“, изјави Ковачев.

Прашањето за бугарските пасоши кај македонските државјани често отвора полемики и политички дебати, особено поради чувствителноста на темата за идентитет и државност. Дел од експертите укажуваат дека за голем број граѓани ова претставува пред сè економска можност, додека други го сметаат за израз на културна и семејна поврзаност со Бугарија.

Зачлени се на нашиот е-билтен